Опозицијата до 14:30 часот ќе ја чека оставката на Заев во Собрание, во спротивно ќе иницира гласање недоверба на Владата

Опозицијата најдоцна до 14:30 часот денеска ќе чека премиерот Зоран Заев најавената оставка да ја достави до Собранието. Доколку тоа не се случи, како што најавија, во Собранието ќе биде поднесена иницијативата за гласање недоверба на Владата.

-Отворена е вратата за секој што мисли дека оваа Влада на Заев не е добра. Секој што ја поддржува оваа Влада, нормално дека нема да биде дел од пратениците кои ќе гласаат недоверба. Тука не постои политичка партија, туку се работи за пратеници. Вкупно 61 застанаа зад иницијативата. Ги повикувам и останатите да се придружат, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања.

Според него, по поднесувањето на иницијативата, процедурата ќе биде во рацете на претседателот на Парламентот кој треба да ги почитува постапката и роковите.

Мицкоски информира и дека од градоначалниците, побарал за 30 дена да почнат со реализација на три од ветените инфраструктурни проекти, да се откажат од службени возила, непродуктивни трошења, да бидат постојано меѓу граѓаните и транспаренти – секогаш достапни за медиумите.