Опозицијата побројна од власта, Владата на стаклени нозе, а Заев е политичар со најголеми порази и пирови победи

И покрај тоа што СДСМ успеа да ја формира новата влада со тенко мнозинство во парламентот, точно имајќи ги предвид резултатите од вонредните избори се наметнува впечатокот дека премиерот Зоран Заев и неговиот министерски тим ќе се соочат со мнозинското опозициско расположение во земјата.

Сосема очекувано е СДСМ по својата стара навика да се обиде да го наметне впечатокот дека во јули извојувале „голема“ изборна победа. Во прв ред, поради очигледното разбирање дека и покрај целиот инструментариум од позиции на власт што им стоеше на располагање, а кој и го искористија во обидот да се поткупи гласачкото тело со нелегално доделување разнивидна матееинална и финансиска помош во услови на коронакризата што го нотираа и меѓународните набљудувачи, не успеаја да ги остварат своите намери да доминираат на политичката сцена. Колку тоа го разбрале како опомена, ќе покаже времето. Но, составот на новата влада и однесувањето кон политичкиот опонент, покажуваат дека освен страв од расположението на граѓаните кај социјалдемокрите не постои вистински потенцијал да го поведат општеството напред и да го изведат од кризата.

Стравуваат во СДСМ со право, зашто самите бројки од последните избори покажуваат дека иако Заев ја формираше владата, расположението кај гласачите беше претежно опозициски настроено. Коалицијата на СДСМ и БЕСА, заедно со нивниот партнер во владата ДУИ, имено, освоија околу 431 илјади гласови, а наспроти тоа ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Левица, па и Интегра и другите помали партии кои не успеаја да обезбедат мандати во парламентот добиле над 450 илјади гласови. Тоа доволно говори дека Македонија во моментов е опозициски расположена и оти актуелната власт е навистина на стаклени нозе. И големо прашање е дали ќе може да издржи под притисок од опозицијата.

Поради тоа, во СДСМ наместо кон разрешување на проблемите кои ги создадоа во изминатото тригодишно владеење, се преокупирани со опозицијата, на стимулирање на нејзиното подјадување и разединување. Но, точно тоа постојаните обиди на власта во јавноста да го наметне прашањето на опозицијата како главно прашање во општеството, ја открива всушност нејзината немоќ и некомпетентост да ги решава вистинските проблеми на граѓаните. Како може поинаку да се сфати настојчивоста на Заев и неговиот тим, преку своите инсталации во медиумскиот сектор, секојдневно да ја одржуваат темата опозиција и барањето нејзиниот лидер Христијан Мицкоски да замине од позицијата, како и обидот да се наметне впечатокот за губитничката позиција на ВМРО-ДПМНЕ. Послушните медиуми на СДСМ се преокупирани постојано во јавноста да промовираат маргиналци од ВМРО ДПМНЕ, кои би говореле за заминување на Мицкоски. А, дали се тие воопшто компетентни да зборуваат за тоа, не е ни важно.

Токму Заев, за кого одамна е осведочено дека не може, а да не ги побие своите тврдења и ветувања, се чини не може да ја надмине фрустрацијата од изборните порази. Уште повеќе затоа и што кога ја формира владата, и сега  а уште повеќе од пред четири година, не може да добие јасна и убедлива победа, па и двете негови влади се производ на преговори и попустливост. Заев имено, откако е дел од раководството на СДСМ нанижа три тешки порази, во 2008 година „ѝ помогна“ на Радмила Шекеринска, кога неговата опција освои само 27 пратенички мандати, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кое првпат во историјата на парламентаризмот во Македонија имаше апсолутно мнозинство со 63 пратеника. Таа година СДСМ освои јадни 233.284 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ повеќе од двојно 471.651 глас, при одѕив на гласачите од 57,06 отсто. Во 2014 година, кога Заев ја презема партијата и силно се надеваа на освојување на власта благодарејќи на големата излезност на граѓаните од безмалки 68 отсто, успеа да го зголеми контото на гласови за само 50 илјади – 283.955 со што го зголеми бројот на пратеници на 34, додека ВМРО-ДПМНЕ повторно доминираше со 61 пратеник, и со зголемување на поддршката од 481.615 гласачи. Заев успеа да се доближи по две години, по невидена долга кампања помогната и со финансии и со ресурси од странски земји, а во која беа искористен купишта компромитирачки или наводно компромитирачки материјали, но за жал повторно успеа само да ги изгуби изборите. Со сета опозициска поддршка СДСМ на иозлезност од 66,79 отсто од избирачите дојде до 49 пратеник, наспроти 51 мандат на ВМРО-ДПМНЕ кои произлегоа од 454.577 гласови. Но, тогаш „главата“ на Заев беше спасена со огромен притисок од меѓународната заедница да не се коалицира со победникот на изборите, и со неразумните од апсект на идното уредување на земјата и потклекнувањето без преседан на барањата на политичкиот албански блок.

Во меѓувреме Заев како лидер на локалните избори 2014-та освои само 283.955 гласови а на претседателските избори истата година неговиот кандидат Стево Пендаровски беше поразен со 14 отсто помалку освоени гласови, или речиси 140 илјади гласови помалку од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов. Што значи дека Заев како лидер и од позиција на власт успеал да оствари само победа на претседателските и локалните избори во 2019 година, но веќе една година подоцна повторно го доведува во прашање останувањето на партијата на власт.

Фрустрацијата на Заев продолжи со пировата победа на јулските избори 2020-та кога бројот на пратеничките мандати на СДСМ, вклучително и осумте пребегани од опозицијата, се намали на 46 пратеника. Што е помалку за три пратеника и од претходните избори во 2106-та. Поради тоа овојпат Заев е во реална опасност во редовите на сопствената партија, бидејќи од позиции на власт и со користење на веќе споменатите средства за уцена, принуда и поткуп, не успеа да оствари јасна победа над ВМРО-ДПМНЕ кое е со ново раководство, и без доволно време да се афирмира и пред поширокото партиско членство.

Покрај тоа, во грчевитите напори да си обезбеди останување на власта која го штити и од можен прогон за низата финансиски дубиози во текот на изминатите три години, Заев на сметка на социјалдемократите беше принуден да направи и големи отстапки кадровски на коалицискиот партнер. Истовремено, лидерот на СДСМ видливо се опкружува со исклучиво нему лично лојални кадри. Тоа би требало да го заштити од внатрепартиските превирања, кои засега срамежливо но сепак се појавуваат меѓу социјалдемократите. Поради тоа, се очекува Заев во претстојниот период да се обиде да се ослободи од партиските фунцкионери во кои ќе препознае опасност за својата позиција, а тоа мора да го заврши пред почетокот на кампањата за претстојните локални избори.

Оттаму, многу е јасно од кои причини упорно настојува вниманието на јавноста да го насочи во туѓиот двор. Но, и многу наскоро ќе стане јасно дали Заев ќе успее во намерата да го амортизира веќе акумулираното незадоволство кај граѓаните расцепкувајќи ја опозицијата. Ама тоа нужно не мора да значи дека ќе успее да ги избегне масовните манифестации на незадоволство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.