9.8 C
Skopje
четврток, април 18, 2024

Опозицијата повикува на оставка од Заев и формирање влада на национален спас

Време е да се формира влада на национален спас за да ѝ се помогне на државата, а пред сѐ на граѓаните, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Државата е во амбис, очигледно е дека ниту имаат знаење, ниту знаат како да се справат со предизвиците. На дневна основа имаме катастрофа, девастирање на нашиот здравствен систем, во образованието е ужас, буквално ужас ништо не функционира. Економијата е катастрофална, кога велам катастрофална, ќе имаме пад и во третиот квартал, ќе имаме пад и во четвртиот квартал. Ги гледате проекциите од страна на релевантните институции, тие одат во надолна линија“, истакна Мицкоски   за вестите на Алфа телевизија.

Додаде дека граѓаните за ништо не се информирани од надлежните инститиции и ораган на власта, од каде никој не излегува да им каже какви димензии ќе има епидемиолошки, бидејќи Македонија никогаш не излезе од првиот бран на коронавирусот.

„Состојбата со земјоделието е ужас. Појдете во Тиквешијата, еве ве охрабрувам направете една емисија, еден прилог за таму, да ги прашате лозарите и да видите која е цената по која што оваа година грозјето им се откупуваше. И прашајте ги дали ветените субвенции им се исплатени“, рече Мицкоски.

Посочи дека сега оризопроизводителите, тутунарите се наоѓаат во слична ситуација како лозарите.

„Единствено нешто кое што во овој момент преостанува е да овие неспособни Монти Пајтон политичари ги напуштат тие позиции и да дојдат луѓе кои што знаат да се справат со предизвиците. Бидејќи се плашам дека ако поминат уште неколку месеци ние ќе влеземе во ситуација од која што нема да можеме да се вратиме за брзо време назад. Државата ќе ни се испразни“, нагласи Мицкоски.

Се осврна на тоа и дека Собранието пактично не функционира, зашто владиното мнозинство нема доволен број пратеници за да може да спроведува политики, да гласа  закони

„Како што следеше Ребалансот, тука се и низа закони кои што ќе значат определен квалитет за функционирање на бизнис заедницата и граѓаните. Затоа повикавме, било како да ја наречеме оваа Влада да биде техничка, Влада на национален спас, било како, широка Влада, нешто кое што ќе даде доверба кај граѓаните дека некој води сметка. На луѓето им е преку глава од евтини политички трикови, вулгарности во рамките на Парламентот или на социјалните мрежи. Луѓето сакаат да видат стратегија и визија тоа што денеска не го гледаат како потенцијал во овие Монти Пајтон политичари под името на Зоран Заев и СДСМ. Под итно треба да се повлече чекор назад“, потенцира Мицкоски.