Опозицијата во Германија во предност

Партијата Унија 90/Зелени, која моментно се наоѓа во опозиција во германскиот Бундестаг, има предност во однос на владејачката коалиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), на која припаѓа и германската канцеларка Ангела Меркел.

Вкупно 27 отсто од гласачите во Германија се подготвени да ги поддржат Зелените, а 24 проценти – блокот ЦДУ / ЦСУ, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Институтот за социологија Кантар, нарачано од „Бил дам Сонтаг“.

 

Истовремено, друг социолошки институт – ИНСА објави податоци од анкетите спроведени на 27 април, според кои еднаков број гласачи, по 23 отсто, се подготвени да ги поддржат и Зелените и блокот ЦДУ / ЦСУ.

Следуваат социјалдемократите, кои сега, исто така, се дел од владејачката коалиција.

Според Кантар, Германската социјалдемократска партија (ГСПД) ја поддржуваат 15 проценти од испитаниците, а според ИНСА – 16 отсто.

Популистите од Алтернатива за Германија, кои во својата изборна програма бараат земјата да се откаже од еврото и да ја напушти Европската унија, моментно, според анкетите, имаат поддршка од 10 отсто (Кантар), односно 12 процента (ИНСА )

Досега, четири партии во Германија објавија свои кандидати за функцијата канцелар доколку се случи да победат на изборите за Бундестагот.

Во коалицијата ЦДУ / ЦСУ кандидат е шефот на Владата на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет, во партијата ГСПД е сегашниот министер за финансии на Германија, заменик-канцелар Олаф Шолц, кај Зелените е потпретседателката на партијата Анелена Бербок. Според анкетата на ИНСА, во случај да се одржат директни избори за германски канцелар, Анелена Бербок ќе освои повеќе гласови од нејзините конкуренти. За неа би гласале 26 отсто, за Шолц 16 проценти и за Лашет 15 отсто.