Опозицискиот ривал Киличдароглу, ветува слобода и демократија во Турција

Главниот ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу, ветува повеќе слободи доколку победи на изборите.
Киличдароглу, кој е поддржан од шестпартискиот опозициски сојуз, вели дека ако победи, „по секоја цена ќе донесе слобода и демократија во Турција“.
„Младите сакаат демократија“, изјави тој за Би-Би-Си.
„Им порачувам на младите дека можат слободно да ме критикуваат. Ќе се погрижам да го имаат тоа право“, вели 74-годишниот Киличдароглу , кој ја предводи главната опозициска Републиканска народна партија.
На прашањето дали Ердоган ќе си замине мирно од функцијата по 20 години власт, прво како премиер, а потоа како претседател, тој одговара дека „никој не треба да биде загрижен“.
„Ние ќе го пензионираме, мирно ќе се повлече“, рече Киличдароглу.
Има индикации дека турскиот лидер можеби се подготвува да го оспори резултатот доколку загуби.
Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу предупреди дека гласањето ќе биде „обид за државен удар од страна на Западот“.
Киличдароглу рече дека опозицијата ќе биде внимателна, притоа „неверувајќи му ниту на претседателот, ниту на неговиот Врховен изборен совет, ниту на неговите судии“.
„Со тоа што имаме повеќе од еден набљудувач на сите избирачки места, сакаме да обезбедиме дека гласањето е фер, безбедно и дека пребројувањето ќе се изврши правилно. Ги презедовме сите мерки на претпазливост за да биде така, напорно работиме година и половина“, истакна опозицискиот ривал на Ердоган.