Велиновска говореше за формите на притисок врз неа во последните 20 години

Пратениците на опозицијата скандалозно го прекинаа обраќањето на новинарката Мирка Велиновска на Надзорната расправа во Собранието посветена на правото на презумпција на невиност, притворот, слободата на изразување и правото на јавен протест, пренесува „Курир“.

Со постојани дофрлања, пратениците од опозицијата не и дозволија на Велиновска да го заврши своето обраќање, поради тоа што наводно новинарката го пречекорила дозволеното време за нејзините образложенија.

Велиновска говореше за формите на притисок врз неа во последните 20 години, споменувајќи го името и на поранешниот министер за внатрешни работи од времето на СДСМ, Љубомир Фрчкоски, кој бил еден од оние кои извршувале притисок.

„Врз мене имаше политичка интервенција со закана за апсење, директно од министерот за внатрешни Љубомир Фрчкоски во 1994 година. Еднаш ми беа искршени стаклата од семејната куќа и еднаш оградата. Љубчо Георгиевски двапати ме тужеше како приватно лице“, рече меѓудругото Велиновска.

Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Илија Китановски, прогласи пауза откако опозицијата ја прекина Велиновска на Надзорната расправа во Собранието посветена на правото на презумпција на невиност, притворот, слободата на изразување и правото на јавен протест.