Општина Центар ќе биде прва општина што ќе формира сопствено претпријатие за производство и продажба на струја

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во вчерашното гостување во емисијата „200“ на Алсат ТВ зборуваше за мотивот, постапките и веќе започнатите процедури за реализацијата на овој иновативен проект. Идејата за неговото формирање е енормното зголемување на цената на струјата и потребите за заштеда на средства од општинскиот буџет.
„Првично правиме евалуација за капацитетите, како училиштата, градинките и паркинзите каде првично се планира да бидат поставени фотоволтаичните централи, колкав ќе биде трошокот за формирање на претпријатието и секако колкав ќе биде бенефитот. Нашата цел е истите да бидат поставени за да обезбедат заштеда на буџетот, а потоа секако и вишокот на електрична енергија да се продава на отворениот пазар. Заштедените средства ќе ги пренасочиме кон проекти како нови фасади на училишта, стипендии, улично осветлување, нови проекти за повозрасните, повеќе зеленило, подобро уредени паркови и игралишта, поголеми инфраструктурни зафати во општината и друго“, изјави Герасимовски.
Тој напомена дека во овој момент фокусот на општината првично е формирање на општинското претпријатие, отпочнување со поставување на фотоволтаични електрани на јавните објекти под капа на општината. Потоа и негово проширување и во станбените згради каде енергијата ќе биде искористена за осветлување во заедницата односно во домовите, заедничките простории, лифтовите и секако, продажба на вишокот електрична енергија која ќе донесе нови развојни инвестиции во општината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.