Општина Центар и Амбасадата на САД во заедничка еко-акција

По повод 50-годишниот јубилеј од одбележувањето на Светскиот ден за заштита на животната средина – 5 јуни, Општина Центар-Скопје и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија утринава заеднички чистеа на одреден потег околу тврдината Кале.
Во новата екоакција, која се одвиваше под мотото #BeatPlasticPollution!, се вклучија Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и амбасадорката на САД, Н.Е. Ангела П. Агелер.
Целта на оваа активност, во која на волонтерска основа учествуваа и вработени во Амбасадата на САД, УСАИД и Општината, беше да се собере целокупниот сув отпад на улиците околу скопската тврдина, кој понатаму ќе биде соодветно рециклиран од надлежното претпријатие за управување со отпад ЈП „Комунална хигиена“.
„Ви го честитам 5 јуни, Светскиот ден за заштита на животната средина, со единствена желба интензивно да работиме на зголемувањето на колективната свест за зачувување на животната средина“, рече градоначалникот Герасимовски и порача дека правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право, чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, како и поквалитетен и подолг живот на граѓаните.
Амбасадорката Ангела П. Агелер истакна дека со задоволство ја прифатила поканата на Градоначалникот да биде дел од пролетните активности за чистење на Општината. Таа наедно им се заблагодари и на сите поединци што одвоија од своето време за да придонесат во успехот на ваквите екоакции и упати апел за поголема ангажираност во решавањето на проблемот со загадувањето.
Градоначалникот ја искористи оваа акција да им додели и пофалници на учениците од општинските основни училишта „11 Октомври“, „Димитар Миладинов“ и „Гоце Делчев“ што учествуваа на конкурсот на тема „Учиме да рециклираме – заедно креираме“ и беа наградени за најдобрo уредено училиште (катче или дел од двор) со рециклирани материјали. За реализирање на наведената тема учениците, заедно со родителите и наставниот кадар, задолжително користеа предмети, украси и разни реквизити што се направени исклучително од рециклирани материјали.
Општина Центар во континуитет организира вакви активности со логистичка поддршка на „Пакомак“ и ќе продолжи да се залага за реализирање на проекти што ќе создаваат одржлива иднина за следните генерации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.