Општина Центар ја понесе титулата за Највело општината во Скопје и околината за 2023 – признание кое за првпат годинава го воведуваат Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи заедно со групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје – НаТочак.
Бодувањето на општините се изврши врз база на критериум (методологија) развиен во рамки на проектот „Граѓанските огранизации во акција за климатските промени“.
Притоа, беа земени бројни карактеристики и активности кои општините ги сработиле за велосипедистите во периодот 2021-2023, а информациите беа побарани по пат на барање за информации од јавен карактер. Покрај тоа, беше спроведена и јавна анкета наменета за граѓаните.
Методологијата ги следи европските и светските стандарди, но e прилагодена за локалното подрачје. Таа е резултат на соработка со општините кои имаа шанса да дадат свој удел во нејзината реализација.
Општините кои не доставија информации се бодуваа со 0 бодови. Од вкупно 17 општини, четири општини на доставија одговори.
Сепак, иако жири комисијата едногласно одлучи Општина Центар да биде прогласена за победничка, таа освои вкупно 49 бодови од можни 100. Ова покажува дека и покрај тоа што општината најмногу се залага за овозможување на услови за граѓаните, останува уште многу простор за подобрување.
Наградата од јавноста ја доби Општина Аеродром со освоени најмногу поени на јавната онлајн анкета пополнета од повеќе од 1000 граѓани.
Наградата за рурална општина со најголем исчекор ја освои Општина Илинден. Оваа општина покажа значителен и најголем напредок за разлика од останатите рурални општини, инвестирајќи во нова велосипедска инфраструктура – вело патеки и паркинзи.
Покрај овие три, жири комисијата одлучи да додели уште две награди – за Најповрзувачка општина и Општина со најголем потенцијал.
Посебно признание од комисијата доби Општина Гази Баба за остварување на велосипедска рекреативна инфраструктура долж Вардар која воедно служи за поврзување со општините Аеродром, Центар и Карпош.
Општина Петровец, пак, го понесе признанието за општина со најголем потенцијал поради покажаниот интерес да инвестира во велосипедската инфраструктура преку изведбата на првата вело патека во општината, која го поврзува Скопскиот регион со светот.
Ова признание треба да послужи како дополнително мотивирање на руралните општини за развој во насока на вело пријателска атмосфера и охрабрување да продолжат со поврзување на вело инфраструктура во своите граници и меѓуопштински.
„Би сакале да нагласиме дека целта на овие награди е општините преку позитивен пример да ги зголемат заложбите за подобрување на велосипедската инфраструктура, а со тоа и за климатска акција. Се надеваме дека изборот ќе продолжи и во иднина, па дури и да се претвори во традиција“, вели Мери Бакалова Стојанова од Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи.
Таа посочи дека за возењето велосипед да биде атрактивна и безбедна опција при секојдневниот транспорт, општините мора да овозможат развој на вело културата и удобност за своите граѓани. А за ова, како што нагласи Бакалова, е потребна политичка волја.
Јавната онлајн анкета покажа дека граѓаните најчесто го користат велосипедот како превозно средство за движење низ општините Центар, Карпош и Аеродром.
Оценувајќи ја велосипедската инфраструктура, речиси половина од испитаниците (48,2%) изјавија дека немало никакви нови инвестиции во последната година ипол.
„Една третина од испитаниците (37,4%), исто така, изјавија дека нивната општина не презема ништо за безбедноста на велосипедистите. Голем дел од граѓаните кои ги споделија своите мислења со нас велат дека не се чувствуваат безбедно да возат велосипеди со детско седиште или деца да возат сами, нагласувајќи дека може да биде особено ризично“, посочи Дарко Арсовски од НаТочак.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја поздрави иницијативата и најави нови проекти за унапредување на вело инфраструктурата во рамки на општината.
Воедно, соопшти дека преку општинскиот Совет е донесена и одлука за поставување задолжителен паркинг простор во секој нов изграден проект во Општина Центар.
„Да покажеме како општина дека се грижиме за нашите граѓани преку развивање на здрави навики, да бидеме мотивација за жителите од Центар што повеќе да возат велосипеди, тротинети, односно превозни средства што го заштитуваат и здравјето на луѓето и животната средина,“ порача Герасимовски.
Еден од главните заклучоци на јавната анкета е и дека граѓаните не се задоволни од бројот на јавно достапни паркинзи за велосипеди, а и оние што ги има, во најголем дел ги сметаат за нефункционални.
Поради ова, Општина Центар како највело општина за 2023 доби вело-паркинг изведен по универзален дизајн.
На сите победнички општини им беа врачени статуетки, рачно изработени од волонтери-креативци во Столарска едукативна работилница.
За проектот:
Проектот „Граѓанските огранизации во акција за климатските промени“ има за цел да даде поддршка на силно и живо граѓанско општество што ќе има значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството, што би резултирало со чиста животна средина, зелени економии и здрави граѓани во Македонија.
Проектот го реализира Центарот за истражување и информирање за животната средина
„Еко-свест“, заедно со партнерските организации Македонско здружение на младите
правници – МЗМП и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – ЦНВП Македонија, и е финансиран од страна на Владата на Шведска.
За повеќе информации следете ја страницата www.ekosvest.com.mk.