Општина Кисела Вода го донесе буџетот за 2022 година

Со 13 гласа  за и 9 воздржани, Советот на Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2022 година. Фокусот е ставен на развојот, а кратење е направено во непродуктивните трошоци. Па така, ако Буџетот за 2021 изнесуваше 1,2 милијарди денари,  Буџетот за 2022 година изнесува 896 милиони денари, односно непродуктивните расходи се скратени за 5,5 милиони евра. На последната седница во 2021 година, буџетот го елаборираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека истиот е развоен, односно дека во 2022-ата се предвидени 10 нови развојни програми.

Вложувањата во развојната програма за урбанизмот се очекува повеќекратно да се вратат како во делот на приходите на општината така и во развојот на локалната економија. Во 2022 година во делот на урбанизмот е предвидено Меѓународен конкурс за идејно решенија за ДУП Расадник,  изработка на урбанистички планови за Ј14, Ј15, Ј20.04, Ј20.10, како и дополнително, изработка на Урбанистички планови Ј20.07 Блок 7.

Ѓорѓиевски ги издвои и проектите од секторот за локален економски развој и секторот за образование, предучилишно воспитување, спорт и култура. Финансиски средства ќе се издвојат за проекти поврзани со енергетска ефикасност, вклучително и во објектите на училиштата и градинките, каде воедно се обезбедени и награди за најуспешните ученици, воспитувачи и наставници. Финасиска поддршка ќе има и за уметниците и спортистите и спортските клубови. Дополнително, ги потенцираше проектите Ранче за секое прваче, таблет за секое дете, Партиципација во трошоците за згрижување, воспитание и рекреација на деца во градинките.

Годината 2022, ќе биде година на големи инфраструктурни зафати, кои се реализираат преку Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животна средина. Планирано е изградба,реконструкција,санација на локалните патишта, на улици и патишта, изградба на подземна инфраструктура, а, во ображањето градоначалникот Ѓорѓиевски ги издвои следните проекти. Реконструкција на сите улици во Пржино и 11 Октомври бараки, изградба на пешачки патеки, скали и паркови, изградба на паркинг простори, конкретно беше посочена изградбата на катна гаража во Расадник, изградба на мост на улицата Киро Фетак населбата Драчево, изградба насекундарна водоводна мрежа во нас Каменик, секундарна водоводна мрежа во Порупа, водовод на Марко Орешковиќ во населбата Кисела Вода. Средства се предвидени и за изградба на системи за одведување и третман на отпадните води. Имено, фекална канализација ќе се гради во Пинтија на Ул. Саса 2 и споредните краци, во Расадник во соработка со Град Скопје, во Градинар (трета фаза), атмосферска канализација во с. Драчево на дел од ул Јустинијан 1 до каналот на Мала Рада, ќе се изработи и Проект за фекална канализација во Каменик. Нема да изостанат и проектите за заштита на животната средина.

Големо внимание Општина Кисела Вода ќе посвети на зголемување на достапноста на услугите и подигнување на транспарентноста на општината. Во таа насока, голем  дел од буџетските средства ќе бидат наменети за дигитализација на сите внатрешни процеси во општината и надградба на постоечкиот ГИС портал со нови функцоналности, што за граѓаните ќе значи поголема можност административните процеси да ги завршат од дома и  да следат онлајн како напредува нивниот предмет. Планирано е воспоставување на Регистар на улици и инфраструктура во Кисела Вода во кој ќе се регистрира состојба со секоја од 310 улици во општината.

Со овој буџет започнува реализацијата на 70 отсто од изборната програма која за која е планирано да биде завршена во следните три години.