Општина Кисела Вода гради паркинг на местото од дивата депонија кај “Мечкаров”

Општина Кисела Вода денес започна со изградба на паркинг простор за преку 60 возила во населбата Расадник. На место на кое до денес постоеше дива депонија, во близина на бензиската пумпа кај “Мечкаров”, жителите на оваа урбана заедница ќе добијат простор на површина од околу 400 квадратни метри, на кој ќе можат да ги паркираат своите возила. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со директорот на ЈП”Градски Паркинг”, Бојан Христовски присуствуваше на почетокот на градежните активности кои треба да финишираат за околу 2 седмици.

-Како градоначалник, но и како жител на општина Кисела Вода, свесен сум за недостигот од простор за паркирање и за потребата од изнаоѓање на нови локации каде нашите жители ќе можат да ги оставаат своите возила, без да пречат едни на други. Покрај тоа што сериозно се зафативме сo претворање на дивите депонии во зелени паркови, еден дел од нив, ќе ги уредиме и како паркинзи. Ова беше и главната тема на која денес разговаравме со директорот на ЈП “Градски Паркинг”, Христовски -истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Директорот Христовски посочи дека на работниот состанок со градоначалникот ги разгледувале сите можности околу изнаоѓање на нови локации за изградба на паркиралишта во општина Кисела Вода, како урбана заедница која постојано се модернизира и расте.

-Денес со градоначалникот Ѓорѓиевски имавме успешна средба на која се отворија многу теми околу подобрувањето на услугите што ги дава нашето градско претпријатие. Организацијата на сообраќајот во мирување има голема улога во квалитетот на одвивањето на сообраќајот во градот, посебно во урбани средини како што е Кисела Вода. Со денешниот прв заеднички проект, се надевам дека почнуваме со изнаоѓање на квалитетни и трајни решенија за жителите на оваа општина-изјави директорот на ЈП “Градски Паркинг”, Христовски.

Пред два месеци, Општина Кисела Вода изгради паркинг простор за 60 возила и на улицата “Бранко Заревски” во населбата Драчево.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.