Општина Кисела Вода со директни мерки за сузбивање на булингот

Жртвата на насилство или личноста блиска до неа, може да се јави на телефонскиот број 078/ 358 - 639 и да го пријави проблемот, каде психолози ангажирани од невладиниот сектор, во координација со општинските служби ќе делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава.

Кисела Вода е првата општина која ќе понуди системско решение за справување со булингот. На денешната седница на Локалниот совет за превенција, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја промовираше првата од сетот мерки која од денес им стои на расплагање на жртвите од врсничко насилство или на нивните блиски. Имено, од денес функциоира телефонската линија 078/358 – 639, каде тие може да добијат поддршка од тим од психолози од невладиниот сектор, кои потоа, во координација со општинските служби ќе делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава. Истото се спроведува заедно со Младински центар “Крик” чиј Претседател, Мила Ангелевска Кардафова, е еден од психолозите кои ќе овозможи бесплатна помош и поддршка.

– Справувањето со булингот бара сеопфатен пристап, кој го вклучува семејството, врсниците, но и институциите. Многу често тој не се препознава, се игнорира, а за жал понекогаш и се минимизира, оневозможувајќи на тој начин жртвата да добие помош. Како локална самоуправа, сме свесни дека сме важен дел во изнаоѓање на решението, бидејќи превенцијата е првата станица. Училиштата кои се во наша надлежност, се места каде најчесто се случува агресивното однесување, а тоа не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот преку интернет мрежите. Потребна е едукација. И за децата, без разлика дали се жртви или се сведоци на булинг, и за наставниците и директорите во училиштата и градинките, кои не смеат да бидат само неми набљудувачи. Решението има адреса. Но некој треба проблемот да го пријави, треба да реагира и да ја заштити жртвата. Во изминатиот период во основните училишта во општина Кисела Вода, поставивме кутии за анонимни пријави за меѓуврсничко насилство. Воедно, во насока на создавање на систем кој го спречува психолошкото насилство, сакам да го промовирам новитетот кој го спроведуваме заедно со Здружението на граѓани “Крик”. Од денес, жртвата на насилство или личноста блиска до неа, може да се јави на телефонскиот број 078/ 358 – 639 и да го пријави проблемот, каде психолози ангажирани од невладиниот сектор, во координација со општинските служби ќе делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава. На овој начин ќе може да се надмине стравот и срамот за проблемот да се пријави, како и да се изнајде начин тој што побезболно да се реши-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

На настанот, учество зедоа и претставници од Основно Јавно Овинителство Скопје, ПСОН Кисела Вода и ПСОН Драчево, од Одделението за превенција при СВР Скопје, од Министерството за труд и социјална политика, од Основниот суд во Скопје, претставници на Советите на родители од основните и средните училишта, директори на училиштата и градинките, како и многу ученици.

Јавниот обвинител при Основно Јавно Овинителство Скопје, Ана Гоговска Јакимовска ги истакна своите искуства во работењето со меѓуврсничкото насилство и говореше за превенцијата, како прв чекор во неговото сузбивање.

Збор зеде и помошник командирот на ПСОН Кисела Вода Благоја Стојановски кој истакна дека е многу мал бројот на млади кои се решаваат да пријават ваков проблем и дека обично е пријавува кога проблемот ќе ескалира. Затоа, подвлече тој, е битна присутноста на полицијата на местата каде што има млади и создавањето на доверба кон неа. Освен тоа, важни се и вакви трибини, работилници, со цел подигнување на свесноста за овој проблем.

По изнесените искуства од страна на присутните родители, говореше Претседателот на Младински центар “Крик” Мила Ангелевска Кардафова. Таа ја поздрави иницијативата на Општина Кисела Вода и градоначалникот Ѓорѓиевски за надминување на стигмата околу оваа девијантна појава. Вo своето излагање, посебно им се обрати на учениците, за кои наведе дека се клучна алка за решение. Потенцираше дека и ако не се самите жртви, преку позитивни примери, можат да го сузбијат меѓуврсничкото насилство, да охрабрат некого да побара помош, а во тоа секако ќе им помогне телефонот за психолошка и институционална поддршка, кој од денес им стои на располагање.