Општина Струга воведе мораториум на градбите

Струшките советници сами дискутираа и сами го изгласаа акцискиот план со кој прогласија времен мораториум за градба се до формирање на планот за управување со регионот, без присуство на градоначалникот Рамиз Мерко,.

Тие дадоа зелено светло и за рушење на дивоградбите и за отстранување на депонијата, но и за контрола врз појасот со трски. Опозициските Алијанса на албанците и ВМРО ДМПНЕ велат поддршката е исклучиво за помош на регионот и почитување на УНЕСКО, но не веруваат дека во Општина Струга нешто ќе се промени следниот период а за тоа говори незаинтересираноста на првиот човек на градот кој е отсутен при донесување на една ваква важна одлука.

Коалиционите партнери на општинската власт до Струга, СДСМ, пак се оптимисти дека ако има политичка волја до февруари ќе се исполнат клучните препораки а до 2021 година и останатitе од долгиот список.

Но, од кога Мерко ќе стартува со исполнување на планот е непознато, бидејќи откако не се појави на седницата остана недостапен и на телефон. Во претходните негови излагања тврдеше дека во Струга нема дивоградби како во Охрид, а последно ги предаде ингеренциите на Владата незадоволен од комуникацијата со локалните градежни инвеститори.

Струшкото крајбрежје е една од многуте забелешки на УНЕСКО поготово изминатата пролет кога секој ден гореа цели појаси за трска за која екологистите и јавноста обвинуваше дека намерно се пали за да градат нелегално хотели. Исто како и во Охрид и во Струга сега ќе се врши евалуација на сите крајбрежни објекти а за тие за кои што ќе се испостави дека ја загрозуваат животната средина ќе бидат срушени најдоцна до 2021 година.