Општините и претпријатијата десет месеци штедат струја, вели Јорданов

Општините и комуналните претпријатија речиси една година штедат на електричната енергија, оцени градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој е и претседател на Советот на градоначалниците на Источно планскиот регион. Тој е на став дека во енергетска криза општините и претпријатијата, кои се под нивна надлежност се оставени сами на себе, а мерките за штедење, како што вели, се гол популизам.

-Ние веќе десет месеца ги рационализираме трошоците за електрична енергија и сме во една енергетска криза оставени сами на себе. Неколкукратно ни се покачија трошоците за електрична енергија и на Општина Штип, и на ЈП „Исар“. Сепак, ние вршиме примарна дејност, не може да не го снабдуваме градот и да ги исклучиме пумпите, исто така не смее да трпи образовниот процес, градинките и училиштата коишто се под локална самоуправа, изјави Јорданов.

Државните и општинските институции веќе втор ден се придржуваат на препораките кои ги даде Владата за штедење на струја. Исклучено е декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици. Вработените мораат да гаснат сијалици кога има доволно дневна светлина, потоа да се исклучуваат компјутерите по работата. Претпријатијата и општините мора да направат распоред на половина од улиците и булеварите да го исклучуваат јавното осветлување, наизменично, преку еден ден. Практикувањето на мерките и препораките за штедење почна од 1 септември.