Општина Аеродром: Владата ја кочи изградбата на нова градинка

Владата на Република Македонија ја кочи изградбата на новата градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче, обвинуваат од општина Аеродром.

„Имено, повеќе од еден месец Владата одбегнува да ја стави на дневен ред точката за доделување земјиште на кое ќе се гради оваа четврта по ред детска градинка во Општина Аеродром, иако е обезбедена целата потребна документација и сите согласности од надлежните институции. Со одложувањето на точката за одобрување на земјиштето на кое треба да се изгради современа детска градинка, Владата врши директна опструкција врз работата на Општина Аеродром“, стои во нивната реакција.

Општината е целосно подготвена за почеток на градежните работи за изградба на нова детска градинка за повеќе од 250 дечиња, потпишан е договор со изведувачот и обезбедени се финансиски средства од околу 30 милиони денари.

„Затоа, од името на Општината, но секако најмногу од името на родителите, ја повикуваме Владата на Република Македонија да ја стави точката на дневен ред и да дозволи изградба на новата градинка, која е од витално значење за тој дел од општината за да се задоволат згрижувачките капацитети и да им се излезе во пресрет на родителите“, порачуваат од општина Аеродром