Општина Центар ја урна дивоградбата на „Самоилова“ и „Никола Карев“

Општина Центар утрината во 3:30 часот ја урна дивоградбата меѓу улицата „Самоилова“ и булеварот „Никола Карев“.

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски ги потпишал документите и барањето до МВР за да може да се почне со постапката за извршување. Со асистенција на МВР, градежна фирма избрана на тендер го извршила решението донесено од овластен градежен инспектор на општината за отстранување дива градба. На местото на дивоградбата, како што се наведува, не се појави инвеститорот на објектот, кој се уште е непознат.

– Претходно, кога објектот беше во фаза на ископ, овластен инспектор донесе решение за враќање во првобитна состојба. Тогаш решението никој не го прими, а непознатиот инвеститор без одобрение продолжи со градбата, соопшти општина Центар.

Инспекторот на општина Центар и градежен инспектор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам констатирале дека се работи за дивоградба. Неколку пати на објектот била оставана покана инвеститорот да дојде во општина Центар, но средба немало.

Општина Центар информира дека внимателно ќе ја следи состојбата на терен и нема да дозволи дивоградби на територија на општината.