Општина Ѓорче Петров нема пари за дневен престој, ги остави учениците на цедило

Дневниот престој што секоја година се организираше во основните училишта во скопската општина Ѓорче Петров, по завршување на популарно нарекуваната целодневната настава до трето одделение, од оваа година е укинат заради немање доволно финансии, реагираат родителите на четвртооделенците по вчера одржаните родителски средби.

Тие се револтирани бидејќи кога ги запишувале своите ученици во прво одделение им било потвдено дека за четврто, па и петто одделение, по завршување на часовите ќе се организира дневен престој што ќе ги згрижува децата додека родителите се на работа.

Ќе ги запишеме децата во училишта и општини што овозможуваат дневен престој, во општина Карпош не само што има организиран престој за учениците до петто одделение, туку и ужинката е бесплатна, што да правам јас со 9-годишно дете, како да го оставам само дома? Испоред Законот за детска заштита не смее детето да се остави без надзор под 10-годишна возраст, а институциите треба да овозможат згрижување, вели родител од едно од основните училишта во општината Ѓорче Петров, којшто нема каде да го остави детето по завршување на наставата.

Одговорните од Општината кратко одговорија дека според Законот за основно образование, продолжениот престој се организира до трето одделение, но, дека е поднесено барање од страна на општината до Министерството за образование и наука за добивање согласност за нови финансирања во основните училишта, и тоа се согласности за кои очекуваат одговор во текот на овој месец.

Не ми е јасно како можеше до минатата година да има финансии и кадар, а од оваа година нема, очигледно надлежните забораваат дека Законот за образование одамна не е сменет, па и наставничките добиле нсоки дека таков е законот, а тој закон важеше за старата програма кога децата тргнуваа на поголема возраст во училиште и беше осмолетка, а не деветтолетка, па дури и тогаш имаше дневен престој за четврто одделение, ова е безобразно, не се води никаква грижа за децата, вели мајка за „Нетпрес“ која овие два дена од учебната година едвај се снаоѓа со згрижување на своето дете по училишните обврски.

Таа објаснува дека не може да се потпира и да дава обврски на соседи и роднини, а исплашена е и за загуба на работното место. Сега објаснува дека ќе мора да „фаќа врски“ и да го запише детето во општина каде се нуди дневен престој бидејќи едноставно нема избор.

Според Законот за основно образование Член 33, основачот, во случајов општините, се надлежни за основните училишта да обезбедуваат средства за продолжен престој за учениците до петто одделение.

  • Основното училиште за учениците во прво, второ и трето одделение организира прифаќање и заштита на учениците еден час пред започнувањето на часовите за редовната настава и еден час по завршувањето на наставата, во согласност со родителот.
  • Ако се обезбедени услови и средства од основачот, основното училиште може да организира продолжен престој за учениците во групи и тоа, од прво до петто одделение со ученици од исто одделение, или од прво до трето и од четврто и петто одделение со ученици од различни одделенија. Во продолжен престој учениците се вклучуваат во согласност со родителот.