Општина Охрид не знае во чија сопственост е објектот што се гради во забранетата зона на охридското крајбрежје

Во заштитената зона на охридското крајбрежје се гради- општината „не знае“ во чија сопственост е објектот, пишува во средата порталот Курир.мк

На барање на КУРИР од Општина Охрид одговориле  на неколкуте поставени прашања во врска со дивата изградба која никна во заштитената зона на охридското крајбрежје.

Она што е највпечатливо во одговорот од општината е тоа што тие не знаат во чија сопственост е дивоградбата која се наоѓа помеѓу извидничкиот центар и болницата СВ. Еразмо, на брегот на самото езеро.

Во врска со Вашите прашања за бетонските работи кои се изведени на просторот на ул. „ Гоце Делчев“ б.б. кај стариот пат Охрид- Струга, Ве информираме дека: Овластениот градежен инспектор при Општина Охрид, по пријава на граѓани,  на 29.03.2019 година излегол на лице место и направил Записник за затекнатата состојба, а во Одделението за инспекциски надзор направил увид врз расположивата документација“, одговориле од охридските власти

Бидејќи на местото не е утврден идентитетот на инвеститорот или изведувачот на работите против непознат сторител  испратил покана, да се произнесе по записникот во рок од три дена.

Направен е и повторен контролен увид, донесен е Заклучок за отстранување на градбата,  по што на 03.04.2019 година овластениот градежен инспектор донесол решение  за отстранување на нелегалната градба на сметка на непознатиот сторител.

Објектот нелегално се градел и за него нема издадено никаква дозвола од страна на Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

До Основното јавно обвинителство во Охрид е поднесена кривична пријава против непознат сторител за нелегално градење. Од Секторот за внатрешни работи, овластениот градежен инспектор официјално има побарано помош за утврдување на идентитетот на инвеститорот на нелегалата градба, по што ќе следат соодветните  законски постапки, стои во писмениот одговор од општината Охрид.