Општина Прилеп избрана за најеколошка општина во Македонија за 2018 година

Денеска во Стопанската комора компанијата Пакомак го финализираше конкурсот за избор на најеколошка општина за 2018 година. Според претходно зададените критериуми нивната комисија се одлучи на ниво на Македонија наградата да ја додели на 4 општини и тоа: првата награда ја прими градоначалникот на општина Прилеп г-динот Илија Јованоски, втората награда му припадна на градоначалникот г-динот Митко Јанчев и општината Кавадарци, додека третата награда рамноправно ја поделија општините Центар и Карпош и нивните градоначалници г-динот Саша Богдановиќ и г-динот Стефан Богоев. За време на конкурсот право на учество имаа сите општини во земјава, урбани и рурални. а вкупно се пријавија 7 општини.

На првонаградениот градоначалник и општина компанијата „Пакомак“ ќе им додели модерно детско игралиште направено од еколошки материјали. Игралиштето ќе биде поставено на локација во општината што ќе биде договорена во соработка со општинските власти. Покрај тоа, најеколошкиот градоначалник ќе добие можност своите проекти да ги образложи во интервју за еколошкиот весник „Зелен предвесник“.

Пакомак својата одлука за најеколошка општина и градоначалник ја темелеше врз повеќе различни критериуми и резултати од нивната работа во текот на 2018 година: количина на собран и селектиран амбалажен отпад, амбалажно стакло, одвоените средства од општинскиот буџет предвидени за екологија, реализирани еколошки проекти како и проекти поврзани со еко-фасади, соларни панели и слично, зголемен број на зелени површини, еколошки акции грижа за урбана опрема, спроведување на условите за големите загадувачи и други значајни мерки кои битно влијаат врз сеопштата еколошка слика на секоја од општините.

На доделувањето на наградата присуствуваа сите четири градоначалници на кои г-динот Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак им ја врачи наградата.

„Ова ни е прва година како се одлучивме да го одржиме овој натпревар, а е со цел да го подигнеме нивото на свест на општинско ниво за важноста на еколошкиот сегмент во нивното работење. Среќни сме што као за почеток наидовме на голем интерес кај општинските татковци и се надеваме на одлична соработката со општините  и во иднина. Во годините кои следуваат од големо значење ќе биде нашата заедничка работа бидејќи екологијата полека зазема се позначајно место не само во годишните агенди на општините туку и како национална цел на  државно ниво.  Тука подразбираме зголемување на количините на собран амбалажен отпад, заштита на депониите, почисти и позелени општини . Им честитаме на добитниците и посакуваме во оваа насока да продолжи соработката и од година во година да го подигнуваме критериумите за доделување на оваа награда и ги потикнуваме и останатите општини да се пријават на следниот конкурс“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.

Пакомак е непрофитна компанија, која веќе 9 години работи во интерес на екологијата, заштита на животната средина и подигнување на свеста за важноста за селектирање на амбалажниот отпад. Нивната цел е да изгради долготрајна и цврста соработка со своите клиенти и со државата и согласно со европските регулативи – да го минимизира негативното влијание на амбалажниот отпад врз животната средина, да промовира одговорен однос на компаниите кон амбалажниот отпад, овозможувајќи со тоа поквалитетен живот за сите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.