Оптимистичките прогнози за Кина ја кренаа цената на нафтата кон 87 долари

Цените на нафтата пораснаа во петокот на меѓународните пазари кон нивото од 87 долари за барел, поткрепени од подобрените економски изгледи за Кина кои навестуваат посилна побарувачка на енергенсот во втората според обемот економија во светот и најголем светски купувач на нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 47 центи отколку на затворањето на тргувањето во четвртокот и изнесуваше 86,53 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 39 центи повисока цена отколку претходниот трговски ден, од 80,72 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од кошницата на референтна нафта на нејзините членки поевтинил за 2,02 долари, на 82,06 долари.

Трговците денеска се фокусираа на прогнозите за силно закрепнување на кинеската економија по укинување строгите мерки за сузбивање на коронаворисот.

Меѓународната агенција за енергија (МАЕ – IEA) прогнозира дека благодарејќи на Кина глобалната побарувачка на нафтата годинава ќе достигне рекордни 101,7 милиони барели дневно, а кинеското закрепнување прогнозираат и од OPEC.

„Многу трговци веруваат дека веројатно ќе бидеме сведоци на посилна побарувачка од Кина, имајќи предвид дека од ден во ден се укинуваат ковид-мерките“, вели зa Reuters Наим Аслам од „Avatrade“.

Цените на нафтата ги поддржуваат и надежите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) наскоро ќе донесе одлука за поумерено подигнување на клучните каматни стапки и дека изгледите за американската економија ќе се подобрат.

Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека Fed на следните две седници ќе ги подигне каматните стапки за по четвртина од процентниот поен, а потоа ќе ги задржи на тоа ниво барем до крајот на годината.

„Сѐ поголеми се шансите, како што се чини, дека американската економија само благо ќе забави“, изјави во четвртокот потпретседателката на Fed, Лејл Брејнард.

Двете најголемо светски економии, САД и Кина, имаат потреба од повеќе сирова нафта, оцени Едвард Моја од OANDE.

Позначителниот раст на цените го закочи податокот за растот на залихите на сирова нафта во САД минатата седмица за дури 8,4 милиони барели, што е најголемото количество од јуни 2021 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.