Оптимизам на Волстрит, индексот Nasdaq на рекордно ниво

На њујоршки Волстрит во понеделникот цените на акциите силно пораснаа, а индексот Nasdaq го достигна рекордното ниво, бидејќи вложувачите се опитмисти и се надеваат на брзо закрепнување на американската економија од коронакризата.

Индексот Dow Jones скокна за 461 бод или за 1,70 отсто, на 27.572 индексни поени, додека индексот S&P 500 порасна за 1,20 отсто, на 3.232 поени, а Nasdaq индексот се зголеми за 1,13 отсто, на 9.924 поени.

На најголемата светска берза од петокот владее еуфорија, откако беше објавено дека бројот на вработените во САД се зголемил за 2,5 милиона, додека аналитичарите очекуваат губење на околу 8 милиони работни места, откако еден месец претходно беше забележано губење на дури 20 милиони работни места.

Неочекувано добрите податоци од пазарот на трудот ги поддржаа надежите дека најлошиот период за американската економија завршил, како и дека со постапното отворање на другите најголеми светски економии следува брзо закрепнување од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот и излегување од рецесијата.

„Постепеното отворање на глобалната економија поттикнува оптимизам, а инвеститорите се надеваат дека во втората половина од годинава ќе следи V-формата на закрепнување на американската економија“, вели во анкетата на Reuters Сен Стовол, стратег во компанијата „CFRA Research“.

Откако поради строгите мерки за запирање на ширењето на коронавирусот во светот глабалната економија беше парализирана, во втората половина на март индексите на светските берзи паднаа на најниските нивоа во текот на повеќе години.

Меѓутоа, благодарејќи на големите фискални и монетарни поттикнувања од властите, индексот S&P 500 порасна за повеќе од 30 отсто од 23-ти март. Сега од рекордното ниво достигнато на 19-ти февруари, е оддалечен само 5 отсто, додека Nasdaq индексот ги надомести сите загуби и достигна ново највисоко ниво во историјата.

Во фокусот на инвеститорите следните денови ќе биде редовната седница на американската централна банка Federal Reserve (Fed). Вложувачите ги очекуваат пораките од Fed за актуелната ситуација, откако на седницата во април претседателот на централната банка Џером Пауел порача дека американската економија би можела последиците од коронакризата да ги чувствува и подолго од една година.

На европските берзи, пак, во понеделникот цените на акциите забележаа пад. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,18 отсто, на 6.472 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,22 проценти, на 12.819 поени, а парискиот CAC индекс отиде во минус од 0,43 отсто, на 5.175 индексни поени.