Оптимизмот во туризмот, лето божјо 2021!

Повод на денешнава колумна е дебатата за туризмот која се водеше пред неколку дена на еден наш ТВ медиум, каде имаше гости од секогаш спротивните табори, владиниот и стопанскиот сектор и каде нормално „демократски“ ставовите не им се никогаш усогласени и спротивни еден на друг.

Првото прашање на водителот беше кои се очекувањата од туризмот во Македонија за ова лето 2021, и дали помошта од владата од минатата година му помогна на домашниот туризам? Сите одговорија прво дека оптимизмот (надежта) кај нас последна умира и дека туризам каков таков ќе имаме оваа година. Оптимизмот или надежта кај нас последна умира во буквална смисла, како што се бива во нашата држава во изминативе 30 години. А, што друго и ни останува нели? Да се надеваме на подобри времиња (кај нашиот народ има една поговорка, подоле од ова не се може, мора да биде бар нешто подобро).

Ова е моја трета колумна по ред и ме радува фактот што на вчерашната дебата од страна на стопанството беа изложени многу мои аргименти и мерки кои ги имав  наведено во претходните две колумни. Но, да почнам по ред.

Насекаде во светот постојано се зборува за вакцинација, оној што ќе успее да дојде до најголем број на вакцини и оној што ќе успее да вакцинира што повеќе свои граѓани, тој побрзо и ќе ја ослободи економија, државата и туризмот од оваа 21 век чума. Ние сме се уште за жал во таканаречената „црвена зона“ на небезбедна држава со голем број на КОВИД заболувања, а многу мал број на вакцинирани граѓани. Што значи тоа за туризмот во нашата држава, или народски преведено за жал не сме достапни на туристичката карта оваа сезона. Прашањето е зошто? Не е прашањето зошто, туку кој ќе дојде да посети држава каде нема имплементација на безбедностите протоколи, каде има само 3,5 % вакцинирани граѓани, и каде имате најголем број на заболени и мртви по глава на жител. А што превзема Владата за овие прашања во врска со туризмот? Владата започна кампања за масовна вакцинација, која нормално кај нас доцни далеку зад многу држави во регинот. Додека се извакцинираат доволен број на граѓани како и сите оние кои работат во делот на туризмот и угостителството, сезоната за ова лето заврши (за ова пишував на големо во мојата прва колумна). Започната е кампања „Безбедно како дома“, за имплементација на протоколите од таканареченото „safe stamp“ кои многу држави ги донесоа далеку пред нас уште изминатата година (и за ова зборував во мојата прва колумна), а денес веќе и целосно се имплементираат кај нив, додека кај нас сега започнува замислете. Што значи и со тоа доцниме, отиде сезоната и за ова мерка. Ќе важи дури за зимската сезона, нормално ако се спроведат по ред како што треба.

Ќе се прават 50.000 бесплатни ПЦР тестови за секој турист што ќе влезе и престојува во државата (и за ова пишував во претходните колумни) и за поздравување е целосно оваа мерка, но овде оваа мерка е контрапродуктивна за тие туристи, нема да им значи ништо на тие туристи. Напротив ќе има значење ако тие тестови се прават после нивното одење дома, да, да после нивното одење дома. Се прашувате што зборува овој сега. Ќе образложам сега зашто е тоа подобро. Претходно пишав дека ние на светските безбедности карти сме во таканаречената „црвена зона“. Е сега што значи тоа за секој турист што би посетил некоја дестинација во нашата преубава Македонија. При враќањто назад во својата матична држава, секој еден што посетил некоја ваква „црвена“ дестинација, ќе мора да лежи дома, во зависност од државата 7 или 14 дена карантин, зашто доаѓа од ризична земја. Епа кој би сакал да дојде во една таква држава и потоа да си утепа уште 7 или 14 дена во карантин дома на одмор!!!??? Затоа тие бесплатни ПЦР тетстови најдобро да им ги даваме после нивното заминување како оправдание дека не се заразени и се безбедни да се вратат дома. И мерката е тогаш пон погодок.

Како благодарност за сета помош и пристапот за вакцинација на дел наши граѓани во соседна Република Србија, за српските туристи кои ќе транзитираат или „остануваат“ (ова под наводници), во нашата држава, нема да им се наплаќа патарината за тоа. Хм, мене ако ме прашувате не сум баш за одобрени на оваа мерка, не посебно за транзитот. За секој оној што ќе престојува во некои од нашите дестинации, покрај бесплатна патарина, би им доделил и ваучер од 6.000 денари (и така останаа не искористени голем дел) да го потикнам да остане што повеќе тука (познатата наша, фрли рипче за да фатиш крапче). А, за транзит туристите, кои и така не одминуваат само во овие 160 километри пат (еден мој добар пријател секогаш води шега на оваа тема, како да ги задржиме транзитните туристи барем еден ден, па секогаш ми вели да им поставиме на секои 20 километри шајки да ги дупнат гумите и да бидат приморани да остануваат кај нас), јас пак велам не треба зашто имаме, замислете 6 патарини на 160 километри автопат (па, затоа после имаме Змиско око прв дел, втор дел, еден куп команданти кои низ Западна Македонија се ослободени од плаќање, итн). Ако ги поделиш овие 160 километри на 6 патарини, добиваш дека на секои 25 км по една шајка да чекаш да ти дупне не гумата, туку душата, на нашиот жежок асфалт. Сте се прашале ли зашто не одминуваат турските транзит патници во последно време? Па, кој е луд во 21 век, во ера на брзо патување и познатата Вињета, да седи и да губи време за автопат кој едвај после 50 години го продолживме оној фамозен крак од Демир Капија до Смоквица. Па, транзитот низ Република Бугарија е побрз, посигурен и на влез само еднаш купувам Вињета и „дим да ме њама“. Е, сега да тоа за туризмот не е убав сигнал, да ја одминуваат само државата, туку да останат, ама на овој начин продаваш европски вредности, светски туристички мерки, а ти потруди се со убави проекти, понуда и сигнализација да ги задржиш туристите што повеќе можеш.

Тоа е стратешки пристап на решавање на низа проблеми кои ги имаме не само во туризмот, туку во севкупната политика и економија на државата. Еден проблем носи друг проблем, прашањето е како системски да ги решаваме. Ние за жал немаме таква навика на наследност во решавање на проблемите или проектите. Кај нас се почнува од новата влада, новиот премиер, новиот министер, новиот директор, новиот шеф, новиот вработен (кај овие новиве оптимизмот им е секогаш најак верувајте) и да не набројувам понатаму. Суетата не јаде за жал. Не се обидуваме она што вреди да признаеме дека е добро, а она што не вреди да се обидеме да го поправиме. Не кај нас се почнува на ново и на ново и на ново.

Но, да продолжам понатаму, на самата дебата на крај беше спомнато дека нас ни треба најитно патна и сигнална инфраструктура, не само за туризмот која е многу значајна, туку за целата економија. Ние во овој дел сме далеку зад сите држави во регионот и пак ќе кажам за жал, иако бевме први до пред 15тина година. Како пример ќе ги земем автопатиштата што се правеа во последно време, а поготово патот спрема нашиот туристички бисер Охрид. Веќе не знам која година по ред… петта-шеста… можда и повеќе не се прави. До Охрид да стигнеш е ужас, 3 сати пат кои ќе ти се одмилат, а за 3 саати со се’ патарини и граница веќе се бањаш во Егејското море, а со правењето на автопатот за Албанија за истото време достапно ти е и Јонското или Јадранското море. Па, после се прашуваме зашто бегаат нашите граѓани кај соседите!

Епа за каков оптимизам збориме господа!. Каков туризам сакаме да имаме оваа година? Ние уште немаме адекватни ставови за голем број на прашања, а соседите во регинот од овој месец ги отворија вратите за туристите и склучија дооговори уште пред неколку месеци. Ние уште ја чекаме побарувачката сама да ни дојде, во ова 2021 божјо лето господово. Сама нема да дојде  никогаш верувајте и сами знаете мислам.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.