Ѓорѓиевски и Арсовска на увид во идниот противпожарен дом во Усје

49

Во тек се градежни активности во АД „Цементарница Усје”, каде што се врши пренамена на простор за отворање на нов противпожарен дом во Кисела Вода.

Денеска, кога се одбележува Денот на пожарникарите, градоначалниците на Кисела Вода и на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и Данела Арсовска извршија увид во напредокот на проектот кој ќе овозможи побрза реакција при несаканите настани, пред се’, за жителите од Кисела Вода и околината.

– Најдобар начин да се искаже почит и благодарност кон работата на македонските пожарникари е да им се овозможат подобри услови за работа и сметам дека отворањето на новиот противпожарен дом токму тоа и ќе го овозможи. Општина Кисела Вода со директорот на АД „Цементарница Усје”, Борис Хрисафов постигна договор за пренамена на простор од овој објект, и како што може да се забележи, проектот е во напредна фаза. Неговото отворање ќе значи поголема безбедност за граѓаните, бидејќи пожарникарите ќе можат побрзо да реагираат при несаканите настани. За жал, имаме лоши спомени од минатото, кога и покрај големата желба да се помогне, поради оддалеченоста на Противпожарната бригада во Драчево, се случуваше пожарот да остави несогледливи последици. Дополнително, местоположбата на овој нов противпожарен дом и неговата близина до Сопиште ќе овозможи да се помогне и на жителите од соседната општина. Со градоначалничката Арсовска денес констатиравме дека проектот за пренамена на овој простор кој ни го обезбеди АД „Цементарница Усје”, солидно напредува и сакаме да му се заблагодариме на господинот Хрисафов за покажаната општествена оговорност. Спасувањето на човечки животи и добра, како и обезбедувањето на подобри услови за работа на пожарникарите кои ги ризикуваат своите животи за да ја осигураат нашата безбедност се наша заедничка заложба-потенцираше Ѓорѓиевски, честитајќи го празникот 20 мај.

 

Чествувањето на денот на Денот на македонските пожарникари, градоначалниците Ѓорѓиевски и Арсовска го продолжија во во седиштето на Територијалната противпожарна бригада при градот Скопје во Автокоманда, каде од страна на Град Скопје се одржа централниот настан за одбележување на празникот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.