Ѓорѓиевски: По 30 години се поставува нова водоводната мрежа на улиците „Церска“ и „Христо Узунов“ во Црниче

Решаваме голем, триесетгодишен проблем на жителите на Црниче, ова денеска преку статус на Фејсбук го напиша градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

-Денес заедно со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и директорот на ЈП ,,Водовод и канализација”, Златко Перински, присуствувавме на отпочнување на градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улиците ,,Церска” и “Христо Узунов”. Со реализацијата на овој проект се отстранува постоечката салонитна мрежа на која се јавуваат голем број дефекти заради нејзината дотраеност која е поставена пред повеќе од три децении и била наменета за мал број објекти, а денеска не ги задоволува потребите на постојната состојба. За жал, досега не биле преземени активности за реконструкција и проширување на хидротехничката инфраструктура согласно развојот што го овозможува деталниот урбанистички план за овој локалитет со што ЈП Водовод и Канализација овозможува подобро водоснабдување на жителите во овој дел од градот, вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека денешниов настан претставува реализација на едно големо ветување до жителите на урбаната заедница Црниче.

-За помалку од два месеца, ќе добијат целосно реконструирана водоводна мрежа како и нејзино поврзување кон улицата ,,Востаничка”, со што се обезбедува циркулационен прстен за поквалитетно водоснабдување за жителите долж оваа траса. Воедно, општина Кисела Вода ќе се погрижи жителите на овој дел на градот, покрај тоа што ќе добијат непречено снабдување со вода, без досегашните проблеми, да имаат и реконструирани улици што уште повеќе ќе го подобрат квалитетот на живеење, рече Ѓорѓиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.