7.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Ѓорѓиевски: Спасовски за три години нема направено ништо за зголемување на безбедноста во сообраќајот која се влошува

Годината 2019-та е црна година на патиштата во Македонија. Безбедноста на патиштата наместо да се подобрува, се влошува. Оливер Спасовски за три години колку што е министер нема направено ништо во насока на зголемување на безбедноста на патиштата, ова денеска преку прес-конференција го истакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според официјални статистики бројот на загинати лица на патиштата во период јануари – јуни во 2019 година е за 20% поголем од бројот на загинати во истиот период од 2018 година, а за 35% поголем од бројот на загинати во 2017 година. Ова е повеќе од алармантно. Владата и МВР  на Оливер Спасовски се директно одговорни за зголемената смртност, бидејќи не е преземена ниту една мерка за заштита. Тоа се последиците на дилетантизмот, непотизмот и корумпираноста на оваа власт. Тоа се последиците од доделувањето на лиценци за испитни центри по партиска, а не по професионална основа. Според неофицијалните статистички податоци од 2017 година, Македонија беше во топ 5 земји кои имаат најголем прогрес, односно најголемо намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди. Според бројките кои ги имаме оваа година ние како земја сме некаде на дното заедно со неразвиените земји кои воопшто не инвестираат во сообраќајна инфраструктура, потенцира Ѓорѓиевски.

Додаде дека нема ниту превенција, ниту инвестиции во инфраструктура која би допринела за безбедноста. репресијата се сведува само на пишување на прекршочни пријави на граѓани кои во телефонот го немаат бројот на Оливер Спасовски или некој од функционерите на СДСМ. Институциите не ги вршат своите законски надлежности за подигнување на безбедноста на патиштата, а со тоа и заштитата на нашите граѓани.

За Заев и за Спасовски доволна причина за подигнување на безбедноста при сообраќајот не беше ни сообраќајната незгода кај Ласкарци, во која за жал загинаа 16 лица, а десетици беа повредени. Заев и Спасовски најавуваа измена и заострена регулатива во делот на станиците за технички прегледи, но само си доделија нови лиценци на блиските свои соработници. Не само што не се имплементираа нови стандарди, туку во МВР не е ни во функција системот КАДАС, а тоа е систем за следење на сообраќајни незгоди, кој функционира во сите земји членки на ЕУ. Не е имплементиран ниту системот за побрз одговор при сообраќајни незгоди. Што прави министерството на Спасовски, што прави Советот за безбедност и Координативното тело за подигнување на безбедноста на патиштата на Владата, зошто не си ја вршат работата за која се платени од парите на граѓаните!? Заев и Спасовски, време е да си заминете. Со животите на граѓаните нема играње. Предвремени парламентарни избори се неопходни во Република Македонија час поскоро, вели Ѓорѓиевски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.