Ѓорѓиевски: Заев и Спасовски се во паника, криминалот со аферата „Мафија“ доби меѓународни пропорции

Зоран Заев и Оливер Спасовски се во паника после излегувањето на аферата Мафија. Тие сега очигледно работат на забошотување на случајот и од петни жили се обидуваат да спречат размотување на клопчето. Затоа се нервозни и постојано се закануваат. Но и целата домашна и меѓународна јавност виде како од 2017 година па до пред некој месец биле давани официјални македонски пасоши од страна на МВР на мафијаши, нарко босови, убијци и членови на ИСИС, изјави на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека тоа не е возможно да се прави без знаење на највисоките структури на власта, бидејќи на големите босови на албанската, црногорската, српската, турската италијанската, шпанската и која ли уште не мафија, влегувале во Македонија, биле спроведувани во полициска станица, им бил издавани документ со украден идентитет и матичен број и потоа биле пуштани да ја напуштат државата и како македонски државјани да патуваат низ светот.

-Приказни за мали деца се објаснувањата на Заев и Спасовски дека некој чиновник во МВР можел оваа операција да ја направи. Патем ако е точно дека истрагата е водена толку долго, зошто било дозволено издавање на 215 документи на светски криминалци, зошто тие пасоши не се повлечени и поништени и зошто не биле информирани пријателските служби? Дали притоа им било овозможено отвораат сметки преку кои биле вршени исплати?И целата наводна операција на МВР отвора големи сомнежи. Имено зошто истрагата ја води основното јавно обвинителство Скопје, наместо Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Зошто е поднесен само обвинителен предлог, а не обвинителен акт, ако се има предвид дека се издавани официјални пасоши со лажен идентитет на тешки криминалци, терористи и мафијаши од светски ранг, нешто кое го загрозува угледот на Македонија но и безбедносните системи на сите останати земји во светот. Зошто не се гонат за злосторничко здружување, туку за полесно дело на ниво на кражба на марули од пазар, а не на идентитет? Патем во обвинението не се товарат за фалсификување на исправа?прашува Ѓорѓиевски.

Тој вели дека сите овие работи потврдуваат дека власта не мрднала со прст за овој криминал, затоа што токму нејзините функционери давале закрила и поддршка на оваа активност.

-Еве само неколку примери кои говорат дека закрилата ја давале големи риби, а не чиновници. Седат Пекер престојувал во Македонија со месеци, се среќавал со високи политичари од власта и му бил издаден документ под име Џадин Амедовски пред неколку месеци, односно во јануари оваа година иако МВР наводно го протерало неколку дена порано. Или случајот со членот на италијанската Мафија Валид Иса кој добил официјален пасош под името Таќо Вурмо и истиот го искористил да ја напушти Република Македонија преку аеродромот Петровец иако замислете бил баран со меѓународна потерница. Или пак со случајот на Јован Вукотиќ од црногорската мафија кој неколку пати поминал низ аеродромот Петровец со официјалниот македонски пасош со лажен идентитет. Џабе се закануваат и објаснуваат Заев и Спасовски. Документиран е криминалот кој е направен и веќе целата светска, а и европска јавност тоа го знае. Сега доаѓа време на одговори, а многу скоро време ќе дојде и времето на одговорност, нагласува Ѓорѓиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.