Орбан бара оставка од потпретседателката на ЕК поради навредливи изјави за Унгарија

Вера Јурова, потпретедателка на ЕК

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика во вторникот на оставка на потпретседателата на Европската комисија, Вера Јурова, поради понижувачки изјави за Унгарија.

„Според тврдењата на потпретседателката на Комисијата, во Унгарија е создадена ‘болна демократија’ и уште ги навреди граѓаните на ЕУ од Унгарија кога рече дека не се во позиција да формираат независно мислење“, се наведува во писмото на унгарскиот премиер Виктор Орбан, упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.

Во писмото се нагласува дека изјавите на Јурова се навредливи за Унгарија и за Унгарците.

„Ваквите тврдења не само што се напад врз демократски избраната унгарска влада, туку и се навредливи за Унгарија и за Унгарците“, пишува Орбан. Додава дека Јурова со своите изјави го прекршила Лисабонскиот договор, според кој треба да биде неутрална и објективна.

Орбан навел и дека Унгарија е подготвена „да ги суспендира односите“ со европската комесарка, изјави во вторникот за унгарската новинска агенција MTI, неговиот портпарол Берталан Хаваси.

„Оние кои го прекршуваат договорот не се способни да дејствуваат како заштитници на владеењето на правото и на европските вредности. Изјавите на комесарката не се усогласени со нејзината позиција и треба да поднесе оставка. Додека тоа не се случи, унгарската влада ќе ги суспендира билатералните политички врски со Вера Јурова“, напишал унгарскиот премиер.

Орбан во писмото нагласил дека Унгарија „уште од влегувањето во ЕУ во 2004 година беше посветена членка, секогаш се обидувавме да постигнеме договор околу споровите и во повеќето случаи бевме успешни. Ја цениме работата на претседателката Урсула фон дер Лејен на чело на Комисијата“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.