Орбан бара поддршка во парламентот пред преговорите со ЕУ

Унгарската влада во вторникот ќе побара поддршка во парламентот за во разговорите со Европската унија за најавениот пакет помош за економското закрепнување од последиците од пандемијата на коронавирусот да биде респореден ремномерно на сите земји членки и без политички условувања.

Челниците на Европската унија ќе се сретнат подоцна седмицава за да се обидат уште еднаш да ги договорат буџетот на Унијата за периодот 2021 до 2028 година, како и планот за економско опоравување од последиците од пандемијата.

Пратениците од вледејачката партија Фидеш на премиерот Виктор Орбан во унгарскиот парламент минатата седмица на разгледување поднесоа нацрт-резолуција во која се наведува дека Унгарија треба да обезбеди дека граѓаните на посиромашните членки на ЕУ нема да добијат помалку пари од оние во побогатите земји на Унијата.

Според најавите, ЕУ би требало да издвои 750 милијарди евра за помагање на економското закпренување на своите држави членки погодени со пандемијата на коронавирусот.

Во споменатата резолуција, за која парламентот треба да се изјасни во вторникот, исто така, се наведува дека оваа финансиска поткрепа на ЕУ не треба да биде поврзана со „политички или идеолошки услови, под превезот на владеење на правото“, фраза којашто ја користи Брисел во пресметката со бунтовните земји членки.

„Можеме да го прифатиме само оној пакет на помош кој не е политички условуван и не сакаме буџетот да се користи за да се поддржуваат погрешни идеологии“, изјави во понеделникот Тамаш Шанда, државен секретар во унгарското министерство за информации и технологии.

Унгарскиот премиер Орбан е напаѓан од Европската комисија, како и во случајот на Полска, дека наводно со своите постапки отстапува од стандардите на владеењето во ЕУ.

Орбан претходно изјави дека планот на ЕУ за закрепнување од пандемијата на коронавирусот ќе биде неприфатлив доколку доделувањето на помошта биде условувано со одредби за наводно „почитување на владеењето на правото“. Најави дека Унгарија, како крајна мерка, може да посегне по правото на вето, доколку нејзините барања за рамномерна распределба на помошта не бидат прифатени.

Резолуцијата, исто така, наведува дека мерките коишто ЕУ досега ги преземала против Унгарија и Полска, членки на Вишеградската група во која се уште и Чешка и Словачка, поради оцените дека овие држави наводно ги нарушуваат демократските принципи, „мора да бидат завршени“ пред буџетот и планот за доделување на помошта да бидат одобрени.