Орбан: Без христијанството ја губиме слободна Европа

Европските народи треба да сфатат дека Европа нема да има слободен живот без својата христијанска култура, рече во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан во текот на државното одбележување на годишнината од унгарската револуција од 1848 години, пред Националниот музеј во Будимпешта.

„Доколку не ја заштитиме нашата христијанска култура ќе ја загубиме Европа, таа повеќе нема да им припадне на Европејците“, истакна унгарскиот премиер. Орбан додаде дека христијанството и подеднакво важно и за слободна Унгарија и предупреди дека „во либералното царство сите ќе ја загубат слободата“.

„Европејците може да бидат среќни само ако можат да одлучуваат за својата судбина и иднината на својата нација“, додаде унгарскиот челник. Идеалот на слободата има свои темели „во христијанството бидејќи сите луѓе и нации се еднакви пред Господ“, дополни Орбан.

Им изрази добредојде и на гостите дојдени на прославата од Полска, истакнувајќи дека „Унгарија не би била слободна без Полска, а Европа не би можела да биде повторно обединета“. Истакна дека Брисел, кога ја нападнал Полска „ја нападнал целата централна Европа, вклучително и нас Унгарците“.

„Нашата порака на градителите на царството кои сакаат да ја растегнат својата сенка над централна Европа е дека секогаш ќе треба да мислат на унгарско-полските врски“, истакна и порача Орбан.

Унгарскиот премиер, исто така, истакна дека Будимпешта „инсистира на слобода и одбива потчинетост: заедничката заклетва на нацијата значи дека секој Унгарец стои покрај другите Унгарци, а сите Унгарци стојат крај Унгарија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.