Орбан: Европски пратеници се подготвуваат да го осудат целиот унгарски народ

Унгарскиот премиер Виктор Орабан во вторникот во дебатата со европарламентарците за извештаот за состојбите во Унгарија предупреди дека пратеници во Европскиот парламент се подготуваат да го осудат целиот унгарски народ поради неговите залагања за суверенитет на земјите и народите во Европската унија и непопуштањето пред уцените.

„Знам дека вие веќе сте заземале став по ова прашање и знам дека големо мнозинство од вас ќе го поддржат овој извештај. Знам и дека мојот говор нема да го промени вашето мислење. Сепак, дојдов тука бидејќи вие сега се подготвувате да осудите не само една влада, туку една цела држава, еден цел народ. Ќе ја осудите Унгарија којашто веќе илјада години е дел од европското христијанско семејство, Унгарија којашто со своите напори, и доколку тоа било потребно со својата крв, придонесе за нашата блескава европска историја. Унгарија којашто се побуни и зема оружје в раце против најголемата војска на светот, против Советите, и така поднесе тешка жртва за слободата и демократијата и којашто кога беше потребно ги отвори своите граници за источногерманските пријатели“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на пленарната седница пред пратениците во Европскиот парламент.

Европскиот парламент на пленарната седница во Стразбур расправаше за извештајот за состојбата во Унгарија изготвен од Јудит Сарентини од пратеничката група на Зелените/Европската слободна унија која го повикува Европскиот совет „во согласност со членот 7 ставот 1 од Договорот за Европската унија, да утврди дека постои очигледна опасност Унгарија тешко да ги прекрши вредностите на кои се темели Европската унија“.

Членот 7 од лисабонскиот Договор за ЕУ теоретски може да доведе до одземање на правото на глас во Советот на ЕУ. Таков процес се води во моментов за Полска, првпат во историјата на Унијата.

„Европската унија се темели на вредности на почитување на човековото достоинство, слободите, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права, вклучително и правата на припадниците на малцинството. Овие вредности се заеднички за државите членки во општество во коешто преовладуваат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и рамноправноста на жената и мажот. Доколку сите ги споделуваме овие вредности, должни сме да ги штитиме кога тие се загрозени“, наведува во извештајот левичарската холандска пратеничка Саргентини.

За усвојување на резолуцијата, за којашто ќе се гласа во среда, потребно е двотретинско мнозинство од вкупно 750-те пратеници во Европскиот парламент.

Конзервативецот Орбан во расправата тврдеше дека со извештајот се сака Унгарците да бидат исклучени од процесот на одлучување во ЕУ, како и дека се сака да им биде одземено правото на застапување на сопствените интереси.

„Доколку сакаме навистина да бидеме обединети и разнолики, тогаш има разлики кои не смеат да бидат разлики за осуда на која и да е држава членка, како и нејзино исклучување од процесот на заедничко носење на одлуките“, порача премиерот на Унгарија.

Ја критикуваше и содржината на извештајот, велејќи дека оние коишто го пишувале не се запознаени со елементарните факти, а прецизираше и дека во извештајот има 37 неточни тврдења за Унгарија.

„Каква одлука денеска и да донесете, Унгарија нема да попушти пред уцените. Ние ќе ги запреме нелегалните миграции и ќе ги одбраниме своите права, доколку треба и наспроти Вас. Ќе видиме каков ќе биде исходот од (европските) избори во мај (следната година). Мислам дека ќе ја вратат демократијата во европската политика“, го заклучи Орбан својот говор во Европскиот парламент со гласно одобрување на дел од пратениците.

Како и повеќепати досега, Орбан укажа дека Унгарија со запирање на нелегалните мигранции, се одбранила самата но и Европа.

„Унгарија се избори за слободата и демократијата. Сега зборувам тука пред вас и слушам како Унгарија ја обвинуваат оние коиштo ја наследија западната демократија, ние кои не мораа ништо лично да ризикуваат за слободата и сега тие истите луѓе сакаат да ги осудат борците за слобода и демократија, кои се бореа против комунистите… Се сака да се осудат Унгарците, бидејќи одлучивме дека нема да станеме земја на миграциите“, порача Орбан.