Орбан порача дека Брисел не ѝ шефува на Будимпешта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача дека Брисел не може да ѝ наредува на Унгарија и дека земјата ќе продолжи да ги брани своите мислења и позиции кога станува збор за заедничките одлуки во Европската унија.

„За нас Брисел не е шефот. Ние сме независна суверена унгарска нација. Учествуваме во заедничките решенија. Доколку тие не ни одговараат, ние тоа го кажуваме. Доколку не се соодветни за нас, а ние можеме да ги спречиме, тогаш нема да се појави заедничко решение“, напиша Орбан на социјалните мрежи.

Според унгарскиот челник, Европската унија не се наоѓа во Брисел, туку „во Виена, Будимпешта и Варшава, Берлин и Мадрид“.

„Ова е многу важно прашање. Не сакам да се спорам со другите Европејци, туку сакам да ги додадам нашите сопствени ставови во заедничкото европско решение. Поради тоа ние учествуваме во секоја одлука, и секогаш го изразуваме нашето мислење. И доколку се појави позиција со којашто ние не се согласуваме, ние тоа го кажуваме“, додава Орбан.

Претходно европарламентарците ја повикаа Европската унија да се откаже од едногласното одлучување за прашања од надворешната политика и безбедноста во полза на одобрувањето на важни прашања со мнозинство гласови. Притоа се споменуваше примерот со наметнување санкции на трети земји, откако поради позициите на Унгарија не беше усвоено ембаргото на увозот на руската нафта.