Орбан повторно ја победи ЕУ – тврдат германските медиуми

Најдобро е едноставно да се каже: Виктор Орбан победи, пишува германскиот весник Зидојче цајтунг по самитот на лидерите на Европската Унија.

Орбановата стратегија за овој самит беше јасна, пишува весникот. Унгарскиот премиер беше спремен да ја даде својата поддршка на пакетот за финансиска помош ако прашањето на правната држава биде турнато под тепих.

По повеќечасовниот состанок на лидерите на ЕУ Орбан беше јасен во своите изјави: „Успешно се спротивставивме на сите обиди парите од ЕУ фондовите да бидат поврзани со темата на владеење на правото“.

„Унгарија и Полска покажаа дека е неприфатливо нациите кои го наследиле владеењето на законите да ги критикуваат и да им држат предавања на нациите борци за слобода, кои минале тешки времиња, и тоа под владеење на комунистички режими“ – кажа Орбан на заедничката конференција за новинари со полскиот премиер Матеус Моравјецки, уште еден заговорник на нелибералната демократија кој исто така може да биде презадоволен од резултатот на самитот.

Во текстот на германскиот весник за самитот, разводнет е делот од текстот кој се однесува на правната држава па сето тоа се спомнува попат во една реченица, а на почетокот на бриселскиот самит се предлагаше систем за условување кога станува збор за парите од ЕУ фондовите, што особено би им го искомплицирало животот на Унгарија и Полска. Против двете држави во институциите на ЕУ се водат постапки поради кршење на принципите на правната држава.

Усвоената формулација е толку матна што е сосема можно Унгарија и Полска да избегнат каква било парична санкција, истакнуваат експертите, пишува Зидојче цајтунг.

Весникот пишува дека Париз и Берлин сфатиле дека нема да можат да го протуркаат амбициозниот пакет за помош без поддршка од Полска и Унгарија, а Орбан не се воздржуваше за време на самитот да се закани со уценување ако се инсистира на темата на правната држава.

Унгарските медиуми блиски до Орбан пак пишуваат дека премиерот договорил со германската канцеларка Ангела Меркел постапката против Унгарија по членот 7 од Лисабонскиот договор да биде завршена до крајот на годината, на задоволство на Унгарија.

Друг германски весник, Шпигл, пишува дека „ЕУ ги пуштила автократите да се извлечат“ и констира дека ЕУ не може долгорочно да преживее без почитување на владеењето на правото.

Весникот заклучува дека „Орбановиот режим е корумпиран“, но дека им станал пример на другите членки на Вишеградската група која ја сочинуваат Чешка, Словачка и Полска. Орбан парите на ЕУ ги користи за да си купи лојалност и да води антиевропски кампањи, констатира Шпигл.

Орбан сето тоа по овој самит ќе може да го продолжи без премногу галама од Брисел и затоа нема сомнеж дека унгарскиот премиер уште еднаш ја надигра Европската Унија.