Орбан се сретна со Салвини, конзервативците стравуваат од расцеп

206

Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача во четвртокот дека ќе бара начини за соработка со лидерот на италијанската крајна десница и италијански вицперемиер Матео Салвини, а аналитичарите оценуваат дека станува збор за негово дополнително оддалечување од конзервативците кои извршија притисок врз неговата партија во март да го замрзне своето членство во групацијата на европските народни партии.

Европската народна партија (EPP) изврши притисок врз унгарската владејачка партија Фидес, наведувајќи ги како причина непочитувањето на владеењето на правото, слободата на медиумите и правата на националните малцинства. Всушност вистинската причина е што премиерот Виктор Орбан заедно со Словачка, Полска, и Чешка се спротистави на политиките на Европската унија за примање на нелегалните имигранти и нивно распоредување во земјите членки и против нивната волја. Една од причините беше и кампањата на Будимпешта против американскиот берзански шпекулант од унгарско-еврејско потекло Џорџ Сорос и сѐ уште актуелниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кои ги посочи како главни виновници во настојувањата да се измени христијанскиот карактер на Европа.

ЕPP, којашто во мнозинство ја сочинуваат партиите од десниот центар ширум Европа, е најголемата пратеничка група во Европскиот парламент и се очекува дека ќе го задржи овој статус и по изборите кои ќе се одржуваат од 23-ти до 26-ти мај, што би ѝ дало силна позиција при изборот на наследникот на Јункер на челното место во Европската комисија. Европските конзервативци подолг период се во затегнати односи со Орбан, но настојуваат да го избегнат целосното раскинување со еден од најуспешните челници во посткомунистичката централна Европа.

Орбан ги отфрла обвинувањата дека ги крши вредностите на ЕУ, и порача дека сака неговата партија да остане во EPP. Меѓутоа, во интервју за италијанскиот дневен весник La Stampa, објавено во средата, рече дека оваа политичка групација „мора да ја отфрли својата верзија кон крајната десница“.

Италијанскиот заменик премиер и министер за внатрешни работи, Матео Салвини, кој е лидер на владејачката партија од крајната десница Лига и сака да воспостави нова групација на суверенистичките партии во Европскиот парламент, се сретна со Орбан во четвртокот. Двајцата ја посетија бодликавата жица на унгарско-српската граница, која е еден од симболите на антиимигрантската политика на Будимпешта.

Орбан притоа изјавил дека со Европа мора да владеат лидери кои ѝ се противат на незаконската масовна имиграција и ја обвини EPP за отфрлање на десните партии кои заемаат цврст став против имиграцијата. Сепак, тој не навести целосно раскинување на контактите со EPP.

„Дали сакаме да останеме членка на EPP зависи од тоа како се свртува EPP.. Доколку EPP се врзе со европската левица… Тогаш ќе ни биде тешко да најдеме место во таквата коалиција“, истакна Орбан, но одби да појасни далио неговата партија ќе ѝ се придружи на националистичката групација која ја поддржува Салвини.

Салвини рече дека ги цени „напорите на Орбан да воведе една карактеристика во рамките на EPP која ја почитува историјата, сегашноста и иднината на европските народи“.

Европскептичната и антидоселеничка германска партија Алтернатива за Германија (AfD) и десните партии од Финска и од Данска порачаа дека го поддржуваат предлогот на Салвини за формирање на суверенистичкиот национален блок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.