Орбан вели дека се потребни промени во ЕУ

Политиката на водството на Европската унија е исклучително оддалечена од интересите на обичните Европејци, во Брисел неопходни се промени, изјави во саботата украинскиот премиер Биктор Орбан.

„Без излишни зборови – Брисел ги препушти Европејците на самите себеси, никогаш немало таков јаз меѓу политиката на Брисел и интересите и волјата на Европејците. Затоа, потребни се промени во Брисел“, рече Орбан меѓу другото пред своите приврзаници во годишното обраќање во саботата.

Според унгарскиот премиер, тоа нема да се случи самото од сее, туку само со принуда и оттаму е „неопходно да се заземе Брисел“, за „конечно меѓу бриселците да има и неколку Европејци“.

„Унгарија се подготвува за претседавање со Европската унија. Make Europe great again – Да ја направиме Европа повторно голема“, изјави Орбан користејќи го предизборното мото на поранешниот американски претседател Доналд Трамп – Make America great again.

Во еден дел од својот говор Орбан изјави дека би сакал да го види Доналд Трамп повторно во Белата куќа и да помогне во воспоставувањето мир во источна Европа во неговото годишно обраќање за состојбата на нацијата во сабота.

„Не можеме да имаме глас на изборите во други земји, но многу би сакале Доналд Трамп да се врати“, рече тој.

Правото на претседавање со Советот на ЕУ на шест месеци се пренесува на земјите членки врз основа на принципот на ротација. На почетокот на 2024 година, Белгија го презеде претседателството со Советот, а на почетокот на јули претседавањето ќе го преземе Унгарија.

Орбан постојано го критикува актуелното раководство на Европската унија, кое, според него, не е способно да се справи со кризни ситуации. Објасни дека во Брисел сега нема „доволно добри лидери“ кои не можат да ги решат проблемите што се појавија поради конфликтот во Украина.

Унгарскиот премиер ја нарече и модерната Европска унија, со нејзиниот притисок врз Будимпешта, лоша пародија на СССР. Според него, „нема потреба од Брисел“ кој ги третира земјите-членки како провинции, кажувајќи им како да живеат; раководството на ЕУ мора да го почитува суверенитетот на европските народи.

Додаде дека „бирократите во Брисел“ нема да ја извлечат Европа од кризата и дека новата европска десница, во која се вклучени и Унгарците, може да донесе „вистински промени“.

Орбан рече дека 2024 година може да биде пресвртница со избори во Европската унија, Соединетите држави, Индија и десетина други земји во кои годинава се одржуваат избори.

„Глобалната политичка сцена ќе изгледа сосема поинаку на крајот на годината, а просторот за маневрирање на Унгарија, ако Господ ни помогне, ќе се зголеми до степен што не е виден долго време“, додаде тој.

На почетокот од февруари унгарскиот премиер објави дека по изборите за Европскиот парламент, неговата конзервативна суверенистичка партија Фидес ќе се приклучи на пратеничката група Европски конзервативци и реформисти (ECR), во која е и крајно десната партија Браќа на Италија (FdI) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која според тврдењата од Брисел се смета за клучниот европски челник кој го придобил Орбан да се откаже од ветото за помошта на Европската унија за Украина.

Фидес на Орбан во моментов е неврзан откако тој ја напушти централнодесничарската Европска народна партија (EPP) во 2021 година по неговата суспензија поради наводното поткопување на владеењето на правото во Унгарија, за што Будимпешта поради нејзиниот суверенизам ја обвинуваа бирократските политичари во Брисел.