Орбан вети поддршка за Србија, санкциите на ЕУ за Русија ги спореди со атомска бомба

Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача во саботата дека Унгарија и Србија може да сметаат една на другата во стуацијата на галопирачката инфлација во Европа, гладта што му се заканува на светот, растот на цените и кризите кои се припишуваат на војната во Украина, а санкциите на Европската унија против Русија ги спореди со атомска бомба.

„Добрата вест е дека, врз основа на претходните разговори со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Унгарија може да смета на Србија и Србија на Унгарија, бидејќи и двете земји се земјоделски силни и ќе бидат обезбедени во поглед на прехранбените производи“, рече Орбан на Саемот на земјоделството во Нови Сад, на кој Унгарија е земја-партнер.

„Доколку на Унгарија ѝ недостасува нешто – тука сме, доколку нам ни недостасува, прво ќе ѝ се јавиме на Будимпешта“, рече Вучиќ на официјалното отворање на саемот. Му се заблагодари на Орбан на „пријателскиот и партнерски однос кон Србија“ и за „неверојатниот напредок на односите“ меѓу двете земји.

Унгарскиот премиер рече и дека Будимпешта не се согласува на економски неприфатливите мерки кои се носат во Брисел, споредувајќи поедини санкции против Русија со атомска бомба, и предупреди дека тоа би можело да предизвика нов мигрантски бран.

„Унгарија не се согласува со Брисел во однос на неразумните и неприфатливи мерки против Русија коишто би довеле до раст на цените, глад и невидена масовна миграција. Не треба да се преземаат нобмислени санкции кон Москва, бидејќи тие имаа ефект сличен на атомска бомба“, рече Орбан,

Зборувајќи за војната во Украина, Орбан истака дека на „Србија ѝ е тешко, бидејќи не е членка на ЕУ, а на Унгарија бидејќи е членка на ЕУ“.

„Тешко е секогаш да се биде паметен, но што и да се случи, важно е дека нашите две земји може да сметаат едната на другата, и во случај на каква и да е недоумица, ќе се трудиме да ги усогласиме нашите ставови, билатерално и мултилатерално“, повтори Орбан.

Оцени дека како што лекарите беа херои во времето на пандемијата на коронавирусот, сега ќе мора да бидат земјоделците бидејќи треба да обезбедат „сите да имаат леб на масата“ и храна за сите за да се избегнат миграциите на оние „коишто ќе се борат да преживеат“ во тешките услови на кризата.

Српскиот претседател е убеден дека „кризата сѐ уште не се гледа“ целосно, но дека „тешка зима го очекува целиот свет“. Вучиќ рече дека на Србија ништо не ѝ недостасува, но дека треба да го реши прашањето за снабдвување со енергенси.

„Го прашав премиерот Орбан дали можеме да чуваме дел од енергенсите во Унгарија, а тој за само секунда ми рече дека нема никакви проблеми и дека тоа е решено, а дека следната седмица тоа и формално ќе го завршиме“, истакна Вучиќ.

Рече и дека Унгарија била седмата земја од ЕУ според трговската размена со Србија, а денес е втора и дека сумата на годишно ниво „надминува 200 милиони евра“.

Меѓународниот саем на земјоделството во Нови Сад е еден од најголемите такви собири во регионо, а годанава се одржува по 89-ти пат и присутни се околу 1.100 изложувачи од Србија и од уште 21 држава.