Орбан-Вучиќ: Се виде дека ЕУ нема заедничка здравствена политика

Српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан на денешната средба во Белград оценија дека нивните држави ја победиле и ја добиле првата битка со коронавирусот.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на прес конференцијата изјави дека за време на епидемијата, сите се увериле дека ЕУ нема заедничка здравствена политика, но, посочи дека очекува ЕУ да биде поуспешна во однос на ова прашање во втората фаза од борбата со епидемијата.

-Во првата фаза не можевме да сметаме на поддршка од ЕУ. Видовме дека сите членки на ЕУ се зафатени со своите проблеми и координацијата не функционираше. Во втората фаза очекуваме ЕУ да биде во подобра позиција и поуспешна во борбата против Ковид 19, кажа Орбан.

Тој изјави дека 120 авиони дошле во Унгарија од Кина со медицинска опрема.

-Сега започнува втората битка, тоа е економијата и ние ќе продолжиме да зборуваме за тоа денес, рече Орбан, додавајќи дека изградбата на брзата железница Белград-Будимпешта се одвива со сè побрзо темпо, дека соработката со Кина многу значи, и потсети дека се работи на изградба на гасоводот.

-Му благодарам на Орбан што имаше храброст да влеземе во борба со ветерниците од минатото и да ја градиме иднината, и успеавме во тоа, оцени Вучиќ, во заедничко обраќање со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Вучиќ рече дека го замолил Орбан за дополнителна поддршка за Србија на нејзиниот европски пат, иако тоа е скоро невозможно затоа што „тие нè поддржуваат секогаш и во секоја можност“.

-И кога другите размислуваат што да кажат, тие секогаш имаат добар збор за Србија, кажа Вучиќ.

Тој изјави дека со Орбан разговарал за ситуацијата во регионот и го информирал за сè што се случува таму, како и за ситуацијата во Косово, за „разговорите што ги очекуваме, за односот на големите сили за тоа прашање“.