Орце Ѓорѓиевски е нов претседател на ЗЕЛС

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната седница на Заедница на единиците на локална самоуправа е разрешена од позицијата претседател.

На денешната седница на ЗЕЛС, по барање на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ предложено е нејзино разрешување, а предлог за нов претседател е градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Георгиевски.

Мнозинството на членови на Управниот одбор на ЗЕЛС ги усвои предлозите.

-Потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, а досегашната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор. Всушност и според Статутот на ЗЕЛС, градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управниот одбор на ЗЕЛС. На оваа седница, Управниот одбор донесе заклучок за упатување на итно барање до Владата на РСМ за одржување на заедничка средба на која главна тема на разговорот ќе биде изнаоѓање на соодветни решенија за предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, поврзани со енергетска криза, се вели во соопштението од ЗЕЛС.

Оттаму посочуваат дека општините се доведени во колапс од високите сметки за електрична енергија и дека ваквата состојба најголемиот број на општини не би можеле да ја издржат ниту уште еден месец.

Од Кабинетот на Арсовска излегоа со реакција од каде истакнуваат дека на постојниот политички естаблишмент очигледно му пречеле луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и делуваат исклучително во интерес на граѓаните.

-На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите. Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја превземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје, велат од Кабинетот на Арсовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.