Ѓорчев: Се случува хуманитарна катастрофа поради фијаското на Владата, не е способна да набави ниту една вакцина против Ковид-19

Македонија ги живее своите најцрни денови, од постоењето до денес. Не само како независна држава, туку од Втора светска војна па навака. Осумдесет години наназад, сме немале вакви загуби, ваква смртност и вакво губење на луѓе на дневна основа. Не можам да бидам индиферентен кога ќе прочитам вест дека денеска умреле 20 или 30 луѓе, тоа се 20 или 30 семејства кои никогаш повторно нема да ги видат своите најмили. А зошто? Затоа што имаме најголема смртност во светот и најмалку вакцини во светот, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев во “Што не е јасно” на Алфа телевизија.

Бројките се страшни и ужасни, вели Ѓорчев. Денешната жртва меѓу другите е и млада девојка со 23 години. Размерите на оваа трагедија што ни се случува се огромни. Тоа би дошло исто како три скопски земјотреси.

-Бројките се катастрофални и некој треба дебело, дебело да одговара за тоа. Ова е неподнослива леснотија на умирањето. Според сите мерливи бројки ние сме најлоши во светот. Ако имаше Влада на ВМРО-ДПМНЕ, немаше да имаме три ипол илјади мртви и сигурно до сега ќе набавевме вакцини за имунизација на населението. И затоа одговорно тврдам дека оваа Влада на душа има луѓе кои што секој ден умираат, вели Ѓорчев.

Според Ѓорчев, се случува хуманитарна катастрофа во Македонија.

-Не успеаја да ги вакцинираат ниту здравствените работници, ниту новинарите, ниту полицајците кои се во првите борбени редови. Дојдовме до таа ситуација, да нашите луѓе одат во Врање, Србија и во други соседни држави, се снаоѓаат луѓето како знаат и умеат, заради фијаското на оваа влада, посочи Ѓорчев.