Економскиот просперитет се наоѓа највисоко на листата на приоритети за подобрување на квалитетот на живот во нашата општина. За да успееме во сето ова, предвидуваме: Создавање на општински инвестициски и иновациски фонд за млади претприемачи – фонд, менаџиран во стратешко партнерство помеѓу општината, Универзитетот „Гоце Делчев“ и бизнис секторот во Штип и истиот ќе поддржува иновативни идеи на млади луѓе, истакна на денешната прес конференција, Иван Јорданов, кандидат за градоначалник на Општина Штип.
Истакна дека детално ќе ги мапираат локациите за домашни и странски инвестиции, индустриски зони и изготвување на стратегија и општински електронски водич за инвеститорите во општината Штип.
„На сите компании во нашата држава им порачувам – ќе понудиме специјални услови за фирмите да ги преместат седиштата во нашиот град, при што заеднички ќе овозможиме рамномерен регионален развој и зголемување на можностите за вработување во нашата општина. Ќе мотивираме компании за користење на културното наследство, како алатка за развој на туризмот и угостителството во Ново Село, а ќе овозможиме и создавање унифицирани угостителски објекти и креирање на бизниси, покрај кејот на реката Брегалница“, вели Јорданов.
Посочи дека економскиот развој е основа на нивната визија, за градот Штип да создаде нова иднина, за сите граѓани на Општина Штип!