Јорданов: Објективни се причините и барањата со кои бараме финансиска поткрепа и поддршка од централната власт

Иван Јорданов градоначалникот на Општина Штип, вечерва во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24, истакна дека поголем дел од финансиските трошоци коишто ги планираме во буџетот за 2022 година ќе мораме да ги пренасочиме за амортизација на енергетската криза.

„Поголем дел од институциите под локална самоуправа се големи потрошувачи на електрична енергија, цената која што е покачена ни создава големи проблеми. Конкретно во Општина Штип ЈП „Исар“ има голема потрошувачка на електричната енергија заради црпење на водата за пиење и дистрибуирање до домаќинствата. Токму неколкукратното зголемување на електричната енергија ќе создаде голем проблем во ликвидноста на тоа јавно претпријатие“, посочи Јорданов.

Тој додаде дека сега како Општина Штип и како ЈП „Исар“ долгот го сервисираат месец за месец кон министерство за финансии, односно кон централната власт, но во минатото 20 години не бил сервисиран овој долг.

„Токму затоа објективни се причините и барањата со кои ние бараме финансиска поткрепа и поддршка од централната власт, но доколку не ја добиеме нормално дека ние ќе мораме сами да се ориентираме на алтернативни начини на амортизирање на ударите на енергетската криза“, заклучи Јорданов.