Јорданов: Власта се правдаше дека болницата во Штип не се гради оти има судски спор, сега нема, зошто не почне да се гради?

-Имаме суштинска потреба во цел исток, не само во општина Штип, да се доизгради клиничката болница која беше започната в 2016 година. Со доаѓањето на оваа власт во новата зграда не се случува ништо, а главна причина и изговорот им е дека таму има судски спор помеѓу фирмата изведувач од Грција и Бетон Штип како подизведувач. Сега спор нема, нека почне да се гради, изјави градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, за „Што не е јасно“ на Алфа.
-Клиничка болница која дава услуга на целиот исток е од суштинска потреба на градот. Сметав дека треба да искомуницирам со овие компании и благодарение на разбирливоста на една од компаниите успеавме да направиме спогодба и да се откочи процесот, рече Јорданов.
Тој додаде дека досега владините претставници кога биле прашани одговорот им бил дека не е проблем финансирањето, туку судскиот спор, а сега нема таков, но не се гради.
– Еве сега е тргнат судскиот спор. Утре ќе има средба со министерот за здравство кога ќе почне ќе продолжи да се гради болницата, затоа што нема повеќе пречка. Надминати се временските рокови за изградба на штета на граѓаните, се одлеваат кадри во кои е вложувано со години, затоа што болницата не е само ѕидовите туку и кадрите и персоналот. Сметам дека треба да се направи исчекор, рече Јорданов.
Во врска со кризата и трошоците, тој посочи дека кога државата ги оптеретува компаниите со зголемени давачки и со трошоци, тие се оставени на слободниот пазар и во најмала рака се неконкурентни на компаниите, не само од Европа туку и регионот.
– Тоа е еден синџир на поврзаност и доколку ги уништите компаниите и ако граѓаните не земаат плата, бадијала ќе биде субвенција. Компаниите треба да бидат субвенционирани да бидат конкурентни на пазарот. Тоа не се случува, општините и компаниите плаќаат највисока електрична енергија во регионот и Европа и прашање на време е кога истите ќе ја преселат инвестицијата во соседна држава, а вработените ќе останат без плата, нагласи Јорданов.
Додаде дека ако се уништени компаниите, тогаш општините не ќе можат да наплатат данок, а исто и државата. -Ќе има невработеност, намалени приходи затоа што ќе нема кој да плати данок и тогаш и да воведувате мерки ќе е касно. Ќе ни се случи банкрот на државата и прашање на време е. Алармот е вклучен, жалам што никој не смогна сили да се седне на маса и да ја надминеме оваа криза. Оваа зима ќе биде најтешката од осамостојувањето, изјави Јорданов.

-Општина Штип уште од јануари се соочи со зголемени сметки за електрична енергија кои беа 5 до 6 пати повисоки од сметките кои доспевале во тие месеци претходната година. Во јануари месец ЈП Исар кое е под општина Штип имале сметка за електрична енергија од 19 милиони денари, а вкупниот приход по основ на наплата на сметки е 18 милиони денари. Што значи по основ само на електрична енергија има повисок трошок, а каде се платите на вработените репроматеријалите и сето она што го има како трошок на месечна основа. Сето ова моравме ние како општини да го субвенционираме, да дадеме милион евра да можат да ја покријат оваа загуба од електрична енергија за да продолжи да функционира на респиратор ЈП Исар. Алармиравме уште тогаш до владини претставници, рече Јорданов.