Јорданов: Во фамилијарната фирма на градоначалникот на Штип не се исплаќаат плати и не се почитуваат работнички права, каква бизнис клима ќе понуди тој ?

Жалам што во последните неколку години Штип полека но сигурно го губи приматот за центар на Источна Македонија. Ако пред десет години се гордеевме дека Штип универзитетски, економски, административен, здравствен центар на Источна Македонија, гледаме денеска дека полека но сигурно го губи тој примат и тоа е за тоа што актуелната власт неодговорно се однесува кон Штип, кон Македонија, кон проектите кои што требаше да бидат продолжени, низа на проекти кои што беа оставени, кои што само за тоа што се започнати од претходната власт не се довршија“, истакна Иван Јорданов, кандидат за градоначалник на општина Штип во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Јорданов додаде дека неколку семејства од Штип блиску до СДСМ се богатат на грбот на граѓаните.

– Штип треба да се врати на граѓаните, не смееме да дозволиме да неколку олигарси да продолжат да владеат со секоја човечка судбина во Штип. Тука е и примерот со „Баргала“. Замислете во фамилијарната фирма на актуелниот градоначалник тоа се случува, не се исплаќаат плати, не се почитуваат работничките права, тогаш за каква бизнис клима и економија ќе зборуваме ние во Штип како центар на Источна Македонија. За каков поттик, за каква мотивација ќе зборуваме кога првиот човек на градот дава лош пример, запраша Јорданов.

Јорданов посочи дека се изместени вредностите откако СДСМ е на власт.

– Мораме да ја промениме оваа реалност во нашиот град, знам дека разочарувањето е огромно. Знам дека луѓето се изнаслушале се и сето од власта, секакви ветувања од типот на жичара до Исарот, брана, гасификација, а во моментов од тоа ништо нема во Штип. Замислете во Штип немаме канализација, немаме водовод, немаме асфалт до сите куќи. И за тоа зборувам дека се изместени вредностите, нагласи Јорданов.

Јорданов рече дека Штип ќе се врати во нормална состојба кога СДСМ ќе си замине од локалната власт.