Јорданов за Курир: Нема да се расфрламе со нереални ветувања, ќе бидеме чесни, одговорни и принципиелни- со Штип сите ќе се гордееме

Во изминатов период, односно на претходните локални избори имавме една инфалција на изборни ветувања која ги девалвираше проектите кои се за добробит на граѓаните и развој на нашиот град Штип. Граѓаните комплетно ја имаат изгубено довербата и во политичкиот систем и во кандидатите за градоначалници и затоа мораме најпрво да го промениме пристапот. Мора да биде искрен тој пристап, за да луѓето видат дека ние навистина имаме желба, визија и мотивација да направиме нешто добро за идните генерации.

Ова во интервју за КУРИР го истакна Иван Јорданов, кандидат за градоначалник на општина Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Како млад човек и родител имам обврска кон цела генерација млади луѓе кои се иднината да направиме од нашиот град место за живеење со кое сите ќе се гордееме. За да го подобриме животот се опфатени повеќе сегменти, пред сѐ, економијата“, вели Јорданов

Потенцира дека преку изборната програма која се уште се креира, а е врз база на темелна анализа, испитување на јавното мнение и консултации од врвни експерти, ќе се направи еден исчекор- како да се задржат домашните инвестиции и да се привлечат нови инвестиции кои ќе отворат нови работни места во индустриските зони.

Ветува чесна и посветена работа за подобрување на животот за сите сограѓани.

„На Штип му се потребни велосипедски и пешачки патеки, повеќе зеленило, паркови, нови социјални содржини, кино сали, нешто што ќе го окарактеризира Штип како вистински административен економски центар на Источна Македонија… Дивите депонии може да бидат преуредени во нови убави содржини. Не смееме и нема да се расфрламе со нереални ветувања, туку ветуваме чесност, одговорност и принципиелност“, вели Јорданов.

Ќе се инвестира и во спортот и ќе се поддржуваат и спортските клубови, бидејќи според Јорданов, колку и да се инвестира во спортот секогаш е малку и не е доволно.

Граѓаните на Штип имаат голема потреба и од довршување на новата Клиничка болница.

„Веќе петта година новата зграда на Клиничката болница е во застој, оставена да сведочи за неспособноста на сегашните власти. Апелирам час поскоро да биде завршена… Јас како иден градоначалник би можел да ја презентирам состојбата во која се наоѓа Штип и потребата од довршување на оваа болница, да иницирам средби и да го направам потребниот притисок да конечно се свестат и министрите и премиерот дека ова е проект од круцијално значење кој мора да биде завршен.