Јорданов за Штип: Реконструкција на 5 основни и 3 средни училишта, младите се нашата иднина!

Младите се нашата иднина, најпрогресивниот елемент на нашето општество! За нив, ќе реконструираме 5 основни и 3 средни училишта, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна каднидатот за градоначалник на Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов.

-Ќе изградиме и ќе ги подобриме условите за спорт и рекреација на повеќе од 25 спортски игралишта и две спортски сали. Ќе ја унапредиме позицијата на младите, преку зајакнување на нивниот глас во Совет на млади и инкорпорирање на идеите во локалните програми и политики. Ќе ги зајакнеме младите со отворање на Младински центар и промена на концептот на функционирање на Дом на млади, каде секој од нив преку организирани активности ќе ги развива своите лични таленти. Со создавање систем за летен ангажман на младите, ќе направиме активна младина, за учество во работата на јавниот и приватен сектор при што ќе се овозможи укажување помош на граѓаните при извршување задачите од интерес за нив, вели Јорданов.

Тој додава дека ќе го подобриме нивниот социјален живот со проекција на филмови, организација на забави, повеќе младински фестивали, организација на турнири во најразлични спортови.

-Ова се само дел од нашите младински проекти, со кои заеднички ќе ја создаваме новата иднина за Штип, потенцира Јорданов.