Ордановски и 1ТВ надвор од сите кодекси, ЗНМ молчи

369

Синоќешното интервју на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски во емисијата „Печат на неделата“ на 1ТВ во којшто домаќин му беше водителот Сашо Ордановски предизвика низа реакции во јавноста и социјалните мрежи.

Се реагира поради пристрасните прашања, обвинувања кон лидерот на опозицијата и некомпромисното бранење на ставовите на власта од страна на водителот на емисијата.

„Ова меѓу  Ордановски и Мицковски, не е интервју, туку дуел“, „брутално однесување на Ордановски“,  се коментира на социјалните мрежи.

Истото го забележа и самиот Мицковски кој во текот на емисијата во еден момент рече дека има чувство како да води „холограмски дуел со Заев“.

Интервјуто под инвестигација на АВМУ

По скандалозното интервју Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми веќе излезе со првични наоди. Заклучокот е дека новинарот Сашо Ордановски ги прекршува повеќе начела и правила за балансирано и непристрасно информирање.

„Првичните наоди од надзорот на Агенцијата укажуваат дека во делови од интервјуто, новинарот ги прекршува начелата за почитување на достоинството на личноста, за пресумпција на невиноста и за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Извештајот ќе биде објавен на веб страницата и доставен до Советот на Агенцијата, а во меѓувреме, регулаторното тело нагласува дека професионалното работење на медиумите подразбира почитување на сите начела за вршење на дејноста кои се потпираат на новинарските стандарди.

Реагираше и Македонската асоцијација на новинари според во текот на интервјуто Ордановски ги прекршува сите правила за професионално однесување и известување, како и сите етички норми во Кодексот за известување, пропишани од новинарските здруженија .

„Новинарот има право слободно да се изразува и има право на изразување лични ставови во форма на несогласување согласно член 11 од Законот за медиуми. Но, агресивното и скандалозно бранење на политички ставови, истовремено проследено со обвинувања и дискриминација заради поинакви политички уверувања, прекршување на начелата за почитување на достоинството на личноста, пресумпција на невиноста, објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различни гледишта и мислење е спротивно на Член 48 и Член 61 од Законот за аудио и аудиовозуелни и медиумски услуги“, се вели во реакцијата од МАН .

Од Асоцијацијата ја повикуваат АВМУ да ги преземе сите мерки кон 1ТВ.

ЗНМ без реакција за Ордановски и 1ТВ

И покрај вниманието кое што го привлече вчерашната емисија од Здружението на новинари на Македонија и неговиот претседател, Младен Чадиковски молк.

Инаку, за потсетување во слична ситуација пред неколку години кога премиерот Зоран Заев, тогаш лидер на опозицијата му гостуваше на главниот и одговорен уредник, Драган Павловиќ Латас Советот на честа на ЗНМ експресно реагираше со тешки обвинување кон уредникот на ТВ Сител.

Во реакцијата тогаш ЗНМ наведе дека се дистанцира од однесувањето на Латас во текот на интервјуто со Заев и дека со поведението во интервјуто „ја дискредитирал целата новинарска фела“.

Skin Delight

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.