Орден за заслуги за Македонија за Македонската опера и балет

Претседателот Ѓорге Иванов на Македонската опера и балет во вторникот ѝ додели Орден за заслуги за Македонија по повод 70 години од основањето, а особено за успешното презентирање и промовирање на македонското и на светското творештво од областа на оперската и на балетската уметност, со што исклучително придонесе за збогатување на македонските културни вредности и за афирмација на Република Македонија во светот.

Иванов во обраќањето истакна дека како симбиоза на музиката, зборот и танцот, операта и балетот се најтешките музички и уметнички форми и дека оттаму стремежот на секое општество и култура е да се најде на светската оперска и балетска мапа.

Според него, има симболика во изборот „Кавалерија рустикана“ да биде првата професионална оперска претстава во Македонија на оваа национална установа пред седум децении, затоа што младиот дебитант Пјетро Маскањи иако бил одвраќан од намерата, имал верба и не се откажал да ја пријави својата опера на конкурс во 1890 година на кој и убедливо победил.

 

„Свесно или не, доајените на младата македонска опера преку премиерата симболично го изразија потенцијалот на младите, сé уште недокажани македонски уметници. Оваа институција ѝ овозможи на цела наша плејада талентирани и врвни музичари и истакнати солисти да се стекнат со неповторливо искуство… Неопходна е и самодоверба. Во животот ќе има многумина кои ќе не обесхрабруваат. Доколку критичарите го имаа последниот збор, денес никој од нас овде немаше да знае за Маскањи и за ‘Кавалерија Рустикана’. Но, еден чекор на верба промени сé. Токму таков чекор на верба направија и уметниците кои пред 70 години ги поставија темелите на Македонската опера и балет“, рече претседателот Иванов.

 

Таков чекор на верба, додаде Иванов, направивме и ние во 1991 година, кога прогласивме суверена и независна Република Македонија, тогаш кога некои се сомневаа во нас.

 

„И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Сé додека идејата на слободата и независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме“, порача Иванов посакувајќи има вработените во МОБ сé повеќе распродадени концерти и во Македонија, и во светот.

 

Високото признание го прими директорот на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, кој во оваа пригода ги наброја имињата на сите што учествувале во подготвувањето на оперскиот ансамбл, како и интерпретаторите на улогите во првата изведена опера „Кавалерија рустикана“ на 9 мај 1947 и во првата претстава на фестивалот Мајски оперски вечери „Цар Самуил“ од Кирил Македонски, на 9 мај 1972. Од скромните почетоци во далечната 1947 година денес, рече Дурловски, имаме комплетна оперско-балетска куќа, со завидни уметнички достигнувања.

 

„Со оглед на историските услови во кои живеел македонскиот народ, 70 години Македонска опера е огромна бројка, имајќи го предвид развојот на институцијата, односно за „само“ 70 години нашата куќа успеа да постигне завидни уметнички резултати во афирмацијата на оперската уметност, притоа во услови без традиција, благодарение на огромниот ентузијазам и пожртвуваност на неколку чинители, пред сé, на основоположниците на Македонската опера, како и на плејада подоцнежни творци, уметници, изведувачи и организатори, кои треба да бидат запишани со златни букви во македонската културна историја“, посочи Дурловски.

 

Македонската опера и балет е основана во 1947 година во рамките на тогашниот Македонски народен театар и до 2004 имаше три ансамбла: Драма, Опера и Балет. Од 2004-та, со акт на Владата, МОБ е самостојна национална установа.

По изведбата на „Кавалерија рустикана“, Операта на МНТ официјално била формирана на 1 јануари 1948 година, кога Хорот на Радио Скопје целосно преминал во Операта, а симфонискиот радио оркестар станал оперски оркестар. За прв директор на Операта бил назначен Тодор Скаловски.

На 27 јануари 1949 година била изведена првата балетска премиера „Валпургиска ноќ“ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно, во кореографија на Ѓорѓи Македонски. За да се зголеми интересот на публиката кон оваа уметност, од 1972 се одржуваат и Мајските оперски вечери кои токму од вечерва ќе го имаат 45-тото издание.