Организацијата „Репортери без граници“ награди четворица новинари

Невладината организација „Репортери без граници“ во Лондон награди четворица новинари за нивните истраги за кибер-малтретирање, организиран криминал и авторитарна држава.

Индиската новинарка Сват Чатурведи доби Награда за храброст за истрага за онлајн напади врз новинари, кои ги извршувала организирана група од партијата на премиерот Нарендра Моди „Бхаратија џаната“ (Индиска народна партија).

– Секојдневно добивам по десетина смртни закани и 15 до 20 закани за силување, изјави таа.

Филипинската новинарка Индаи Еспина-Варона ја доби Наградата за независност за нејзините истраги за малолетничка проституција или насилство врз жените во нејзината земја. „Репортери без граници“ ја поздравија нејзината едукативна работа во медиумите. Еспина-Варона започна кампања на социјалните мрежи за заштита на правата на жените по шовинистичките коментари на филипинскиот претседател Родриго Дуерте.

Метју Каруана Галиција (32) ја доби Наградата за влијание. Тој пет години работел за Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство, и учествувал во шест главни истражувања на конзорциумот, вклучително и во „Офшор ликс“ (Offshore Leaks) за оф-шор сметките на истакнати светски личности од различни сфери и во „Панамските документи“. Во 2017 година ја доби Пулицеровата награда.

Новинарката Керол Кедуоладер од британскиот весник „Гардијан“ ја доби наградата „Духот на РБГ“ за откривање на улогата на компанијата „Кембриџ аналитика“ во кампањите што доведоа до изборот  на американскиот претседател Доналд Трамп и до гласањето за Брегзит во Велика Британија.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.