Органски соединенија на Марс откри роверот на NASA

Марс, © NASA via AP

Автоматизираната подвижна лабораторија „Curiosity“ од мисијата на NASA открила органски соединенија во 3,5 милијарди старите седименти во кратер на Марс, објави во четвртокот американската агенција за вселенски истражувања во статијата објавена во научното списание Science.

„Најдовме молекули на органски соединенија во камењара на старите езерски седименти. Извор на појавата на овие органски молекули би можел да биде живот. Не знаеме дали постоел живот на Марс“, вели биохемичарката Џенифер Е Еигенброде. Во објавата на агенцијата се појаснува дека станува збор за соединенија коишто содржат јаглерод, како тиофен и толуол.

„Пронајдените молекули не се конкретно сведоштво коешто укажува на постоење живот. Информациите со коишто сега располагаме не дозволуваат да се даде одговор на прашањето за потеклото на молекулите“, констатира Еигенброде појаснувајќи дека тие може да имаат „небиолошо потекло“.

Роверот, исто така, во атмосферата на Марс детектирал присуство на метан. Податоците собрани со дупчењето во кратерот Гејл се дел од трагањето на оваа мисија на NASA по органски молекули коишто би можеле да покажат дека некогаш на површината на Црвената планета постоел живот во некој облик.

Потрагата по живот надвор од Земјата се фокусира на ткн „градивни елементи“ на животот како што го познаваме, што вклучува органски соединенија и молекули, иако тие може да постојат и без ниедна форма на живот. Органските материи би можеле да бидат потврда за постоење живот во далечното минато, или извор на храна за некој облик на животот. Метанот се смета за наједноставната органска молекула и е присутен и на други места во Сончевиот систем коишто би можеле да бидат погодни за живот, како што е Сатурн, или Европа и Титан месечините на Јупитер. Меѓутоа, доколку животот и постои надвор од Земјата, би можел да биде многу поразличен од оној каков што ние го познаваме.

За новите откритија научниците веруваат дека би можеле да претставуваат „голем напредок во астробиологијата“. „Значително ја проширивме нашата потрага по органски соединенија, што е клучно во трагањето по живот“, вели научникот Пол Манафи, автори на студијата и директор на центарот Goddard Space Flight на NASA.

И некои претходни студии укажуваа на тоа дека на Марс постојат атмосферски метан и органски соединенија, меѓутоа податоците коишто ги обезбеди роверот „Curiosity“ обезбеди појасна слика за условите и процесите на Марс денес, како и во дамнешното минато пред повеќе милијарди години.

„Со овие нови наоди, Марс ни зборува дека сме на добра трага во потрагата по докази за живот. Убеден сум дека нашите сегашни и идни мисии ќе доведат до нови неочекувани откритија на Црвената планета“, вели научникот на американската агенција Томас Цурбухен.