Ѓорѓевиќ се откажа од селекцијата на Србија

Селекторот на српската кошаркарска репрезентација Александар Ѓорѓевиќ соопшти во саботата по победата над Чешка и освоеното петто место на Светското првенство во Кина, дека ја напушта должноста на којашто беше од 2013 година.

„Вистина е, си заминувам. Им кажав веќе на играчите. Немаше никаков разговор за моето останување, но чувствувам обврска да се повлечам. Заминувам бидејќи не ја исполнивме зацртаната цел“, изјави Ѓорѓевиќ.

„Ѓорѓевиќ повеќе не е селектор на Србија. Им се заблагодари на играчите, на сојузот и на соработниците. Со крајот на ова првенство му истекува догворот. Тоа е она што веќе со денови го зборувам на прашањето за оставка. Вели дека не би зборувал за продолжување на договор“, објави на Twitter Слободан Шаренац, коментатор на РТС од мундобаскетот во Кина.

Ѓорѓевиќ на прес-конференција по дуелот со Чешка му честиташе на Богдан Богдановиќ „на одличниот турнир“.

„Беше вистински водач на теренот. Нешто ни недостасуваше на овој турнир, тоа се виде и во првото полувреме од овој натпревар. Не одигравме ‘до коска’. Веројатно на тоа влијаеше што сите не се собравме во исто време. Им честитам на Чесите, одиграа одличен турнир. Имаат прекрасен тренер и се гледа напредок. Саторански ги прави другите играчи подобри, а тоа е најважното во кошарката“, рече Ѓорѓевиќ кого според коментарите на спортскиот печат во Белград го очекува тешка сезона со италијански Виртуз.

Србија, како еден од фаворитите за освојување на титулата на првенството во Кина, загуби во групата од Шпанија, а потоа во четвртфиналето од Аргентина, а во борбата за пласман ги совлада САД и Чешка. Со петтото место не обезбеди пласман на Олимписките игри во Токио, а за што ќе мора да се избори во квалификациите.

Поразот во четвртфиналето од Аргентина се доживува како голем неуспех на фаворизираната селекција на Србија, на кои многумина стручњаци ѝ предвидуваа медал па и борба за титулата светски првак.

Ѓорѓевиќ ја водеше српската селекција на пет големи натпреварувања, а Светското првенство во Кина е првото на кое Србија не успеа да се пласира барем во полуфиналето. На Мундобаскетот во Шпанија во 2014-та, Србија го освои сребрениот медал, како и две години подоцна на Олимписките игри во Рио, и на Европското првенство во Турција во 2017 година.

Како најсериозен кандидат за наследник на Ѓорѓевиќ се споменува Игор Кокошков, кој во 2017 година ја донесе селекцијата на Словенија до титулата европски шампион.