Ѓоргиев: Македонија апсолутно не треба да дискутира и да преговара за јазикот

Доколку условот за започнување на преговори на Македонија со Европската унија е откажување од Македонскиот јазик, тогаш такви преговори не се ни потребни да се започнуваат смета првиот човек на Комисијата за историски прашања, Драги Ѓорѓиев. Појаснува дека тензијата што се создава меѓу Македонија и Бугарија во однос на идентитетските прашања може само да влијае лошо врз понатамошната работа на Комисијата. Според Ѓорѓиев, ставовите на Бугарија, придонесуваат за македонската страна да го крене гардот со чувство на недоверба кон Бугарија и бугарската политика бидејќи македонскиот јазик е реалност и ниту бил ниту ќе биде тема на разговор во работата на комсијата.

„Според мене, Македонија апсолутно не треба да дискутира и да го стави на маса јазикот. Тоа е апсолвирано прашање, реалноста и постоењето на македонскиот јазик, и тука Македонија воопшто не треба да ја отвора таа тема ниту да го држи отворено тоа прашање. Колку и да се блиски овие два јазици, колку и да не ни требаат преведувачи кога разговараме со бугарска страна, станува збор за два јазици и од тој аспект не смее да се дозволи апсолутно никаква дискусија за македонскиот јазик, тоа е завршена работа.“ – вели Драги Ѓоргиев – претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања

Според професорот Нано Ружин, од самото конституирање на независноста на земјава постоеле низа реперкусии на Балканот кои само ја оптоварувале државата. Според него, оваа најава за нова криза со Бугарија ќе биде надмината бидејќи според него не е со иста тежина како со Грција. Професорот додава дека не смее да се прифати било какво претопување на македонскиот идентитет бидејќи тоа е понижувачко.

„Мислам дека тоа е под достоинството на секој Македонец, и на сите што живеат на оваа територија. Мислам дека тоа е неприфатливо со оглед на тоа дека ние си имаме сопствена култура, сопствен идентитет и сопствени историски наследства. Би било навистина многу понижувачки да се прифаќа тоа што се бара од некои наши интелектуалци“ – вели професорот Нано Ружин.

Додека Ѓорѓиев појаснува дека јазикот и малцинските прашања никогаш не не биле тема на разговор во работата на Комисијата. Тврдењето на професорот Денко Малески, дека Гоце Делчев и Крсте Петков – Мисирков се Бугари, наидоа на одобрување но и со зајадливи коментари.Во првиот официјален став во Софија се наведува пофалба до професорот Малески од стран на буграскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов кој вели дека Малески со признавањето на идентитетот на Делчев и Мисирков, направил „ научно откритие “. Дополнително, Каракачанов навестува нова провокација со најавата дека бугарите и македонците ќе бидат еден народ како во минатото.

„Јас, се разбира, сметам дека не само што сме биле туку и продолжуваме да бидеме еден народ – макар и на сила разделени. И не само тоа, верувам дека не е далечен денот кога повторно ќе бидеме заедно , и дека таму каде што течело повторно ќе тече“ – пишува Каракачанов.